Истражување објавено во списанието „Брејн сајнсес“ истражува како медитацијата насочена кон свеста за чувствата и мислите, додека се одвива во умот и телото, може да ја промени активноста на мозокот на начини што посочуваат засилено препознавање на грешките.
- Интересот на луѓето за медитација и за свесност го надминува она што науката може да го докаже во однос на ефектите и придобивките од медитацијата. Но, за мене беше неверојатно да се види како една сеанса на медитација може да предизвика промени во активноста на мозокот на луѓе кои инаку не медитираат - изјави Џеф Лин од Универзитетот во Мичиген и коавтор на истражувањето.
Откритието укажува дека различни форми на медитација можат да имаат различни неврокогнитивни ефекти, а Лин објаснува дека постојат малку истражувања за тоа како медитациите влијаат врз способноста да се препознаат грешките.
- Во некои форми на медитација се фокусирате на една работа, обично вашето дишење, но медитацијата со отворено набљудување е различна. Таа нè води да се насочиме кон внатрешноста и да обрнеме внимание на сè што се случува во нашето тело и ум. Целта е мирно да седиме и да следиме како умот патува без да обрнуваме внимание на околината - додава Лин.
Лин и неговиот тим собрале повеќе од 200 испитаници за да проучат како медитацијата на отворено набљудување влијае врз тоа како луѓето ги уочуваат и како одговараат на грешките.
Испитаниците што никогаш претходно не медитирале биле водени низ 20-минутна медитативна вежба, додека научниците ја мереле мозочната активност со ЕЕГ, а потоа пополнувале компјутерски тест осмислен да ја тестира реакцијата на пречење.
- ЕЕГ може да ја мери мозочната активност на ниво на милисекунди, па имаме прецизни мерења на невронски активности веднаш по грешките и можеме да ги споредиме со активности поврзани со точните одговори - вели Лин и додава дека разликата на сигналите што покажуваат препознавање на грешките била поголема кај групата која медитирала во споредба со контролната група.
Иако кај групата што медитирала не било забележано дали резултатот бил напредок во извршувањето на задачите, резултатите од ова истражување отвораат простор за проучување на потенцијалот на системска медитација.
- Овие резултати се моќен показател за тоа што можат да направат само 20 минути медитација за подобрување на способноста на мозокот да открие и да обрне внимание на грешките. Ова нè тера да веруваме дека медитацијата навистина може да ја подобри нашата ефикасност и секојдневното функционирање.
Лин вели дека следната фаза на истражувањето опфаќа поголем круг испитаници, тестирање на различни форми на медитација и утврдување дали може промените во активноста на
мозокот да се претворат во промени во однесувањето со долгорочно вежбање.