X
 25.11.2017 Наука

Сепак, предвидувањата за силните земјотреси не се комплетно вистинити

Ребека Бендик порачува да не се шири паника. Геофизичарката од Универзитетот во Монтана претпоставува дека голем број луѓе деновиве ги прочитале вестите за предвидувања со кои се вели дека во наредните неколку години ќе се случат силни земјотреси поради забавувањето на Земјината ротација.


Тие закани се базирани на истражувањето на Бендик за шемите што можат да предвидат земјотреси, но таа тврди дека предвидувањето на таквите силни земјотреси е најчесто сензационализам. Всушност, науката кажува нешто друго.

Нема начин да се предвиди индивидуален земјотрес. Земјотресите се случуваат кога потенцијална енергија складирана во пукнатините во Земјината кора се ослободува, испраќајќи сеизмички бранови низ Земјата. Бидејќи научниците знаат каде постојат тие пукнатини и како имаат потенцијал за конвулзија, можат да развијат предвидувања за генерална закана за регионот. Но, силите што придонесуваат оваа енергија да се создаде и да се ослободи се глобални и комплексни, па уште не е можно точно и прецизно да се одреди како ќе се одвиваат работите.

Научниците се обидувале да ги предвидат земјотресите преку пронаоѓање поврзаности помеѓу пукнатините и периодичните флуктуации во ротацијата на Земјата, како и преку однесувањето на животните, емисиите на гасови од карпите, електричните сигнали со ниска фреквенција низ Земјата – но сите тие обиди не биле успешни. Бендик дури анализирала и податоци за глобални земјотреси во текот на изминатиот век, за да согледа дали може да увиди некои знаци со кои ќе се покаже дека земјотресите се на некој начин поврзани. Сепак, податоците биле комплетно случајни. Таа вели дека на земјотресите може да се гледа на нешто слично на батерија или неврон, односно дека имаат одредено време за кое треба да се наполнат.

На секои 3 децении, планетата изгледа дека искусува многубројни силни земјотреси, некогаш дури и до 20 годишно, а вообичаено бројката се движи од 8 до 10. Бендик, исто така, анализирала и широк спектар на глобални феномени како промени во океанската циркулација, топење на карпите и слично. Забележала мали, циклични промени во брзината на Земјината ротација. Планетата се забавува на приближно секои 30 години, а 5 години подоцна се појавува група на краткотрајни земјотреси. Пронашла и механизам кој можеби е линк помеѓу Земјината ротација и групните земјотреси.

Кога ротацијата на Земјата се менува, се менува и нејзината форма. Како што планетата се забрзува, масата се движи кон екваторот. Кога се забавува, таа маса се враќа назад кон половите. Кумулативниот ефект е мал – милиметар разлика во ширината на глобусот. Но, ако потенцијалната енергија веќе се надоградила со одреден број недостатоци, тогаш таа мала промена е доволна за да се појават земјотреси.

Земјата во моментов е на крајот од периодот на забавување, па можно е да претстои нов бран на земјотреси. Но, тоа секако не мора да значи дека 2018 година ќе биде катастрофална за Земјата. Земјите, пак, што беа споменати се места каде што често се случуваат земјотреси, па секогаш е потребно да се преземаат мерки за ризиците.

На крајот, Бендик потенцира дека сите анализи предвидуваат веројатности, а не прецизни факти.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука