Временската прогноза за претстојниот празничен викенд веројатно ќе ги израдува сите оние што ќе решат да избегаат од градскиот метеж и да одат во природа.
Имено, викендов нè очекува убаво пролетно време со дневни температури чиј максимум ќе достигне до 33 степени, додека најниската температура се очекува да биде 6 Целзиусови степени.
- Под влијание на топла воздушна маса од југ, во следните денови ќе има значително затоплување со дневни температури кои на места ќе бидат над 30 степени - известија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Оттаму известија дека в петок ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од југозападен правец. В сабота, пак, нè очекува умерено облачно време со умерен до засилен ветер од јужен правец. Во текот на ноќта кон недела во западните делови ќе има услови за локален дожд, додека в недела претпладне ќе биде променливо облачно со услови за слаб локален дожд во западните делови. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, во западните делови засилен западен ветер.
Фото: УХМР
Насловна фотографија: Freepik