X
 27.11.2017 Култура

Европски градови кои во празничното руво изгледаат како излезени од бајките


Накитена градска средина
(Фото: Profimedia)


Прекрасни декорации, игра меѓу ноќното и уличното осветлување. Пријатната атмосфера која зрачи убавина го најавува најубавиот период од годината. Градовите во Европа се натпреваруваат кој ќе привлече најголем број посетители на кои ќе им остават незаборавни впечатоци. Со огномет и голем број забавни активности на главните плоштади, секој од нив нуди впечатлива божиќна и новогодишна магија.

Еве неколку европски новогодишни дестинации што ќе ве воодушеват со својата новогодишна атмосфера:

Лондон, Англија

Лондон станува навистина посебен при крајот на годината. Целиот град е осветлен со лампиони, а фирмите и продавниците во престолнината даваат сè од себе за лондонската новогодишна ноќ да биде ноќ што ќе се памети. На полноќ, на 31 декември, небото над Лондон ќе биде осветлено со неверојатен огномет. Градот ја продолжува традицијата за влегување во новата година со новогодишна парада на 1 јануари, со изведувачи од дваесет земји од светот, вклучувајќи и свирачи, навивачки, кловнови, акробати и многу други.


Лондонски огномет
(Фото: Profimedia)

Мадеира, Португалија

На палубата на крстосувачот или во пристаништето Фуншал, новогодишниот огномет е толку величествен, што не можете да го пропуштите дури и да го посакувате тоа. Фамозниот огномет кој традиционално се организира за пречекот на Новата година официјално е прогласен за најголем огномет на светот во Гинисовата книга на рекорди во 2006 година. Амфитеатарот во Фуншал тогаш се украсува со илјадници разнобојни лампиони и светилки и станува грандиозно место за новогодишна забава, кое освојува со својата убавина. И кога часовникот ќе отчука полноќ на 31 декември, небото над Мадеира блеснува во раскош од бои и убавина.


Огнометот на Мадира
(Фото: Profimedia)

Берлин, Германија

Берлин ја дочекува Новата година со стил – и со милион посетители што се собираат околу Бранденбуршката порта за пречекот. Се подготвуваат сите традиционални деликатеси, кои се изложени на штандови во рамките на два километра долгата редица од бини за настапи, шатори, тезги, светла, ласери... Спектакуларниот огномет почнува точно на полноќ – заедно со звукот на чукањето на илјадници чаши со кои се наздравува во чест на доаѓањето на Новата година. Забавите што следуваат траат до раните утрински часови. Интересно е дека Берлин воопшто не вложува во новогодишно украсување на градот, но и покрај тоа привлекува огромен број туристи со својата одлична програма и организација.


Огномет во Берлин
(Фото: Profimedia)

Единбург, Шкотска


Парадата Хогманеј, која традиционално се одржува во Единбург, е еден од најголемите и најубавите новогодишни настани на светот. Сè започнува уште на 30 декември, со спектакуларна факелијада. Илјадници „факелоносачи“ создаваат „река“ од оган која тече од историскиот Ројал Маил до игрите со светилки и огномети на Калтон Хил.

На самиот Хогманеј, случувањата се преместуваат на улицата „Принсес“, во самото срце на Единбург, во подножјето на прекрасниот единбуршки замок. Околу 80.000 луѓе ја пречекуваат Новата година на забавата што се организира во Градините, со жива музика и настапи на диџеи, огромни видеобимови, барови на отворено и, се разбира, светски познатиот единбуршки Хогманеј-огномет кој се лансира од бедемите на замокот.


Огномет во Единбург
(Фото: Profimedia)

Салцбург, Австрија

Четвртиот австриски град по големина, со околу 150.000 жители, на годишно ниво е посетен од дури пет милиони туристи. Салцбург, главниот град на истоимената провинција, одамна ги има отворено своите порти за сите што сакаат да го посетат родното место на Моцарт. За време на празниците градот е како опседнат од божиќен дух и ги буди сите сетила. Фестунг Хоенсалцбург е дворец сместен на ридот Фестунгберг, кој доминира над градот од каде што можат да се видат сите градски кули, кои во зима изгледаат како излезени од бајките.


Украси во Салцбург
(Фото: Profimedia)

Брисел, Белгија

Брисел е надалеку познат по својот зимски саем кој се одржува во текот на декември, а се протега низ целиот градски центар. Градот на чоколадото не смее да се пропушти од вљубениците во овој вкусен десерт, но и од љубителите на добра забава. Додека сте таму, задолжително пробајте го бриселското пиво. Ќе видите зошто.


Брисел украсен
(Фото: Profimedia)
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура