X
 28.05.2018 Технологија

Како награда во квиз за сајбер-безбедност, полицијата подарила УСБ-уреди со малвер



Веста што доаѓа од Тајван личи на вест од рубриката „верувале или не“. На крајот од минатата година во оваа земја се одржал саем за безбедност на податоци во чии рамки бил организиран и квиз на тема сајбер-безбедност. Пријавените кандидати на квизот покажале знаења за начините и методите што се користат во борбата против сајбер-криминалот, вируси и малвери, а како награда полицијата им поделила неколку празни УСБ-уреди со капацитет од 8 гигабајти.


УСБ стапче во лаптоп
(Фото: Pixabay)


Но, набрзо по доделувањето на наградите учесниците во квизот објавиле дека нивните антивирусни програми детектирале малициозни датотеки во подарените уреди. Полицијата веднаш покренала истрага која покажала дека од вкупно 250 УСБ-уреди, 54 биле заразени со малвер! До заразата дошло откако еден вработен во компанијата што вршел проверка дали уредите наменети како подарок се празни или не, им пренел малвер од својот компјутер.

Малициозната програма што ги заразила уредите била дизајнирана пред повеќе години со цел да собира лични податоци и да ги складира на непознати сервери, иако од полицијата тврдат дека серверот кој бил наменет за примање на тие податоци бил надвор од употреба. Со овој малвер пред три години се служеле група измамници кои биле откриени од страна на Европол, а „утешна“ информација за оние што го „освоија“ овој малвер е дека тој бил дизајниран за работа на постари видови компјутери, така што класичните антивирусни програми можат едноставно да го препознаат и да го стават во „карантин“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија