Музичарот и композитор Сашко Костов од Велес, заедно со бугарскиот автор Јавор Карагитлиев, ја доби националната награда „Икар“ за најдобра авторска музика во театарска претстава во Бугарија. Сашко Костов, кој инаку создава театарска музика во својата матична куќа „Јордан Х. К. Џинот“ во Велес, ја доби наградата за авторската музика во претставата „Вљубениот цепелин“ во режија на Дијана Добрева и во продукција на Драмскиот театар „Николај Масилитинов“ од Пловдив.
- „Икар“ е, всушност, најголемата манифестација со традиција во Софија, Бугарија и наградите се доделуваат во Националниот театар „Иван Вазов“ на едно многу професионално ниво. Наградите се за најдобрите театарски продукции од изминатата година на територијата на Бугарија, а бројот на продукции и театри таму е навистина голем. Ги наградуваат најуспешните во театарската фела во која влегов и јас, и ја добив наградата за најдобра авторска музика за театар - сподели Сашко Костов за Факултети.мк.
Токму претставата „Вљубениот цепелин“, во која свој печат остави и македонскиот музичар, беше прогласена за најдобра театарска претстава на АСКЕЕР, втора театарска манифестација во Бугарија со 35-годишна традиција.
- Ова е вторпат како сум номиниран на АСКЕЕР. Минатата година бев со претставата „Без крв“ за најдобра театарска музика, а оваа година со претставата „Вљубениот цепелин”. АСКЕЕР, исто така, е голема манифестација со традиција од 35 години. Оваа година, на 24 мај, добивме награда за најдобра театарска претстава таму - додаде Костов.
Бројот на номинации за театарските награди во Бугарија на композиторскиот тандем Костов-Карагитлиев е доказ дека креативноста нема граници кога тимот има заедничка цел.
- Со Јавор работиме веќе две претстави во театарот во Пловдив. Направивме совршено креативно дуо. Многу интересно е тоа што сме многу различни во приоѓањето на компонирањето музика за театар, но со иста цел. Тој совршено ги работи дизајните, ефектите, снимањето во живо на сцената и потоа одлично ги модулира звуците и е потехнолошки сконцентриран, се разбира и свирачки, а јас повеќе се занимавам со перформативниот дел и музицирањето и создавање на музиката во живо, со пеење, свирење на перкусии, гитара, клавијатури, рециклирани инструменти кои ги користам повеќе од десет години кога сум во живо на театарската сцена. И овие два паралелни процеси прават музичкиот продукт да е плоден. И секако, заслуга има и Диана Добрева како наш режисер - потенцира Костов.
Велешкиот музичар годинава слави јубилеј од 15 години како композитор на театарски претстави.
- Порано бев повеќе сконцентриран на концертирање и турнеи по Балканот и низ Европа, а сега велам дека ме проголта магичната црна кутија и веќе петнаесет години уживам да се носам со предизвиците на текстот, да се справувам со епохите во кои се наоѓам, да ја исполнам салата со звук кој ќе допре до публиката и емотивно ќе ја „крене” или „скрши”... Ја искривувам – исправам сликата и состојбата во која јас музички се наоѓам и подоцна како слика, звук и концепт му ја пренесувам на режисерот со кој работам. Музиката во театарот некогаш останува во сенка, а токму таа е неговиот највнатрешен глас. Музиката не е украс, не е „фонче”. Таа е здивот меѓу две реплики, тишината што боли. Таа е невидливиот актер што не излегува на поклон - вели Сашко.
Фото: Крсте Шулев
Тој за Факултети.мк сподели каков предизвик е создавањето музика за претстава, што е поразлично од компонирањето песни и со кого најмногу соработува при креирањето на делата.
- Предизвикот е многу голем затоа што соработувам наеднаш со педесет, па и повеќе луѓе во претставата. Режисерот, драматургот, кореографот и цела авторска екипа, актерите на сцената, техничкиот персонал кој е зад сцената, на модулите, чигите, светлото и звукот, видеото... Доколку сакам успешен музички продукт, будно следам, се инспирирам и соработувам со сите. Некогаш е доволно еден несакан удар со предмет на сцената на некој од актерите и оттука да се развие музичка композиција, музичка етида на сцената. Соработувам со сите. Не би сакал никого да издвојам посебно, само би кажал дека соработувам со луѓе кои сонуваат, мечтаат и знаат дека фантазијата е бесплатна, но и таа треба да знаеш да ја зграбиш и да ја искористиш на правилниот начин - раскажува композиторот од Велес.
Костов изведува музика во живо за време на претставите, што бара дополнителна концентрација и синхронизација со актерите, но притоа нема импровизации.
- Не ми беше тешко да свирам во живо за време на претставите затоа што јас веќе сум концертен музичар и изведувач од претходно, па во театарот си најдов една многу интересна сложувалка за склопување и концентрација. Следење на актерите со музички акценти, создавам контрапункт на нив и така доаѓам до финален концепт во кој нема импровизации, а има само фино брусење... Немам суфлер, но затоа секогаш имам музички потсетник и партитура за секој случај - открива дел од својот занает Сашко.
Тој веќе две години работи музика за претстави во Пловдив со режисерката Диана Добрева. Искуството во театарот во Пловдив, за кој вели дека е негов трет дом, е неверојатно.
- Додека работиме атмосферата е прекрасна, вработените актери и целиот технички персонал се на многу професионално ниво и немам никаква забелешка. Го почитуваат мојот талент и професионалност која ги исполнува нивните критериуми за работа. Додека создаваме уметност, немаме време за политички тензии и несогласувања. Работиме во името на театарската уметност и со овие награди и номинации ги рушиме сите бариери, сите будалштини што се случуваат на политичката сцена. Добиваме награди, се радуваме на нив, а воедно и патуваме со претставите и го освојуваме светот заедно - сподели Костов.
Фото: Крсте Шулев
По 15 години, се чини дека Сашко се пронајде во овој вид уметност. Но, посакува малку да ѝ се врати на концертната сцена и на музичките фестивали.
- Оваа година, освен театарот, би сакал да се вратам малку и на концертната сцена, тоа би значело повеќе активност по музички фестивали и клупски концерти, но никогаш не би бегал од театарот. Во главата ми се вртат повеќе концепти кои чекаат да бидат „исфрлени” во јавноста и еве ќе се потрудам накратко да ви раскажам....
Првиот и највозбудливиот ми е компонирање музика за долгометражен филм. Нема да откривам детали зашто е уште во процедура, па затоа нека остане тајна која би ги копкала читателите, а воедно и мене - најави велешкиот музичар.
Од јуни започнува со подготовка на комплетно негов музичко-театарски проект кој ќе го подготвува на неговата матична сцена во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
- Тоа ќе биде музичко-театарски перформанс во кој ќе учествуваме јас и Орхидеја Дукова. Ќе биде возбудлив, и според мене, со многу модерен музички израз. Со овој перформанс би го заокружил целото мое искуство на театарската сцена. Подготвувам концертен музички проект кој го започнав за време на короната и тие депресивни полициски часови. Пред некое време отворив стари папки по моите дискови и сфатив дека музиката звучи фантастично и би било штета да остане во фиока. Го насловив “Fat Geysha”- (Дебелата гејша), проект во кој ќе свирам главно на тапани и перкусии, но и на други инструменти (сајзери, бас, гитара, саксофон) за кои ќе користам лупери, со цел да направам еден човек-бенд - открива Сашко.
Со колегите Андреа и Славчо формирале трио кое има афро, џез и светска естетика, насловено под името „А.С.С – трио”. Свират Сашко, Андреа и Славчо, звучи многу поразлично од сѐ досега и веќе почнале со концерти кои ѝ се допаднале на публиката.
- Оваа година ќе издадам албум со театарска музика. Организирам четири концерти во Кавадарци, Струмица, Демир Хисар и Миравци, заедно со мојата колешка Орхидеја Дукова. Добивме скромен буџет од Министерството за култура и туризам за петнаесет години јубилеј компонирање музика за театарски претстави. Главно ќе изведуваме мои композиции кои сум ги компонирал во текот на овие петнаесет години - додаде Костов кој, освен овие обврски, има и тековни гостувања со пловдивскиот театар во Варна, Рим и други дестинации.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.