X
 28.05.2021 Живот

Денес домот е таму каде што е телефонот

Исто како и полжавите, луѓето денес си го носат домот со себе каде и да одат. Најчесто тој се наоѓа во нивниот џеб или нивната чанта. Иако звучи бизарно, тоа е ставот што го делат група антрополози кои повеќе од една година го анализирале начинот на кој луѓето ги користат своите телефони.

Истражувачите од Универзитетскиот колеџ на Лондон објаснуваат дека луѓе од сите возрасти се зависни од своите телефони за разни работи, пренесува Светскиот економски форум.

Телефонот повеќе не се користи само за повици. Впрочем, тој ретко се користи за тоа во денешно време. Наместо тоа, нашите телефони најдобро може да се разберат како места „во кои сега живееме“, напишале авторите.

- Секогаш сме „дома“ во нашите телефони - пишуваат истражувачите.


Фото: Pixabay

Истражувачите стигнале до овој заклучок анализирајќи жители на Африка, Азија, Европа и на Јужна Америка во период од 16 месеци. Низ целиот свет способноста за лесно носење значи дека никој не е многу далеку од она што навистина му е потребно и битно, без разлика дали станува збор за апликации за работа или платформи за комуникација со блиските.

Според извештајот, оваа поврзаност со телефоните објаснува зошто некои луѓе гледаат во телефоните додека се излезени во ресторан или на друго место за социјализација. Интеракцијата со телефонот е слична на начинот на кој луѓето се поврзани со домот на психолошко ниво, според извештајот.

Освен тоа, телефонот овозможува да се одржува контакт со пријателите и семејството, а на социјално изолираните луѓе им дозволува да го задржат контактот со надворешниот свет, стои во извештајот.

Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот