X
 19.04.2021 Живот

Сите вработени во „Епл“ знаеле што значи кога Стив Џобс ќе го исклучел мобилниот

За Стив Џобс досега се објавени голем број книги, а напишани се и многу статии во кои се опишува неговиот карактер и карактеристиките на еден лидер чија работа и упорност го направија „Епл“ еден од најуспешните брендови во светот и една од најуспешните и најпознатите светски компании.

Познато е дека Џобс се грижел и за најмалите детали за сите производи да бидат совршени, барем според неговите стандарди. Се разбира, неговото име не се поврзува само со позитивни приказни, а вработените во компанијата честопати споделуваа приказни за неговата донекаде агресивна природа и суровиот начин на кој се однесувал кон вработените.

Иако се чини дека досега научивме речиси сè за Џобс, одвреме-навреме се објавуваат некои нови информации и детали од неговиот живот. Една од непознатите приказни за неговиот живот ја објави неговата поранешна асистентка Наз Бехешти во неодамна објавената книга „Пауза. Диши. Избери: Стани извршен директор на твојата благосостојба“.

Во книгата, меѓу другото, таа пишува дека Џобс честопати си посветувал време за себе и сите вработени добро знаеле што прави Џобс кога се повлекува и кога во ретки моменти го исклучува својот „ајфон“. Тогаш Џобс им се посветувал на своите играчки.

Тоа, се разбира, не биле вистински играчки, туку прототипови на нови уреди на „Епл“. Џобс се повлекувал во канцеларијата на тогашниот главен дизајнер на „Епл“, Џон Ајв, за да му покаже нови идеи и прототипови на потенцијални уреди, а шефот на „Епл“ го исклучувал својот телефон за никој да не ги вознемирува. Тоа била една од клучните работи за неговиот успех како иноватор, смета Бехешти.

Времето поминато во истата просторија со колегите, разговорите за нови идеи и иновации во живо се покажал како исклучително важен за развојот на производите на „Епл“. Со оглед на тоа што се менува начинот на работење поради коронавирусот, се поставува прашањето дали ова ќе влијае врз иновативноста на компаниите. Вработените во некои компании, кога зборуваат за работа од дома и виртуелни состаноци, предупредуваат дека честопати најдобрите идеи за нови производи се создаваат при случајни разговори на пауза. Поради работата од дома, повеќе нема такви разговори.

Извор: Yahoo.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот