X
 28.05.2023 Колумни

Најубавите луѓе се оние што го чуваат детето во себе!

Целта е да се стане човек, а среќа е да се остане дете. Затоа е важно да го зачувате детето во себе!

Кога бевме деца, мечтаевме да пораснеме што побргу, верувајќи дека тогаш животот е поинтересен. Но, кога од топлото и безгрижно детство зачекоривме во светот на возрасните, сфативме колку ни било убаво додека сме биле деца. Убаво е да си дете, велат сите. Спомените од детството остануваат длабоко врежани во срцата на секој и траат сѐ додека чука срцето. Детскиот свет е свет на приказни, игри, дружења и безброј дни исполнети со радост. Секој човек, кога раскажува, со длабоки чувства и без здив се сеќава на најубавиот дел од животот.

Децата се мали личности кои ги гледаат убавините во оние работи кои ние возрасните речиси сме ги заборавиле. Детската насмевка носи искреност, нежност и невиност. Затоа, прифатете го детето во себе, цврсто прегрнете го и дозволете му да ве води секаде. Бидете сигурни дека никогаш нема да ве предаде. Негувајте го детето во вас како најнежно цвеќе. Сакајте го со сето свое срце. Чувајте го како капка вода на дланка. Прифатете ги неговите желби и мисли и тогаш ќе се случи чудото.

Сочувај го детето во себе бидејќи тоа време за сонување поттикна во тебе многу револуции. Донесе многу добри одлуки, постави многу јаки идеали, започна многу големи проекти. Живееше секој ден исполнето како да ти е последен и никогаш не гледаше по оние што беа зад тебе.

Сочувај го детето во себе, сочувај ја онаа леснотија со која си им се приближувал на другите не замерувајќи сѐ кој е поголем, а кој помал од тебе. Не си се грижел за нештата кои не си можел да ги промениш, едноставно си ги прифаќал и си продолжувал понатаму, знаејќи дека светот нема да пропадне ако не биде по твое. Љубовта што си ја покажувал кон другите секогаш ти била возвратена и тоа биле најубавите мигови од твојот мал живот.

Зачувај го детето во себе, немој никогаш да заборавиш на него. Тоа си ти пред да го откриеш вистинскиот свет, пред да се соочиш со сета болка и неправда. Тоа си ти навистина.

Ако еднаш заборавиш на него, ќе го изгубиш својот пат, својот компас. Ќе луташ наоколу без цел. Немој да го разочаруваш детето во себе, биди личноста со која тоа би се гордеело.

Научи да ја почитуваш вербата со која некогаш пристапуваше кон светот и животот, гледајќи во секој нов ден неповторлива можност. Немој да го заборавиш погледот низ кој некогаш си го гледал светот и нештата околу тебе. Кога не се плашеше да одиш напред, па и да паднеш, бидејќи знаеше дека секојпат ќе ја искористиш можноста да станеш и да одиш понатаму. Знаеше дека си посебен и затоа не размислуваше за споредување со другите и пропушти многу грижи кои денес ги имаш.

Сочувај го детето во себе бидејќи живееше како да се играш и се играше живеејќи. Ништо не беше комплицирано, работеше кога ќе посакаше, се одмараше кога беше уморен, следејќи го ритамот на своето тело. Знаеше дека највредните работи се оние што ги имаш, па така и ги почитуваше, а не само оние што ги посакуваше.

Радувајте се на малите работи зашто во нив лежи вистинската среќа. Правете го она што ве опушта и ве прави среќни. Не дозволувајте тоа што сте возрасни да ве спречи да уживате во вистинските радости. Ако некогаш ви се скока – скокајте. Ако ви се игра -играјте, танцувајте! Чувајте го детето во душата и заиграјте со него, со чисто срце и искрена насмевка.

Размислувам… годините не можам да си ги вратам, но детето во мене е поживо од кога било!! Сонувај... Посакувај… Верувај во себе… Можеш СЀ!

Не е можно да се вратат годините, но можно е барем на еден начин да се сочува детето во себе, да се сочува онаа личност која имаше нешто за што се бори и нешто во што верува. Тоа е сосем доволно за среќен и исполнет живот.
Никогаш не сакам и НЕМА да пораснам! Моите детски соништа ги создадоа најубавите промени досега. Колку се губиме во секојдневниот живот „глумејќи“ возрасни и колку љубов си должиме сами на себе.

И денес кога ќе го прочитате ова, запрашајте се дали го исполнивте својот сон или само пораснавте? Затоа на сите деца им порачувам: „Живејте го среќно и весело детскиот живот, не брзајте во светот на возрасните“.

Останете уверени дека најубавите луѓе се оние што го задржуваат детето во себе!
Секој има по едно дете во себе чии соништа можат да го променат светот. Разбуди го генијалното внатрешно дете што го носиш во себе, каде и да одиш, што и да правиш и помогни му да победи!


Автор: м-р Мите Ристов, професор по англиски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни