Горан Стојановиќ, професор од Факултетот за технички науки во Нови Сад, и неговиот тим измислија маска за заштита од коронавирусот која има вградени сензори со кои во иднина корисникот ќе може да ги следи параметрите важни за здравјето.
Проектот на професорот Стојановиќ и неговиот тим „Странтекс“ претставува иновативно решение во примената на електрониката на текстил. На овој начин заштитната маска што ја произведоа нуди низа можности кои се важни за дијагностицирањето на здравјето на луѓето.
- Првпат во светот, успеавме да ставиме сензори на маските што ги користиме за заштита од ширење вируси кои потоа од нашиот здив можат да го откријат, на пример, капацитетот на нашите бели дробови или да ја детектираат температурата, или детектираат постоење на различни бактерии кои вообичаено ги откриваме од здивот, како што се хеликобактериите - објаснува проф. д-р Горан Стојановиќ, водач на проектот.
Тимот досега има објавено над 50 труда во светски списанија, а има и три признати патенти. За еден ваков мултидисциплинарен проект најважни се современите машини кои се во нивната лабораторија, но пресудни се и знаењето и искуството на експерти од различни области.
- Тоа се претежно електроника, електротехника, но имаме и луѓе кои се специјализирани за физика, хемија, материјали и текстил. Заедно, кога ќе се здружиме, тоа е добитна комбинација која може да прави големи достигнувања во оваа област и можеме да бидеме конкурентни со водечките светски центри - додава професорот Стојановиќ.
Фото: Freepik
Идејата за имплементација и сензори не е завршена овде. Во нивната лабораторија има и други патенти кои се базираат на сличен принцип. Тимот има направено сензори што се наоѓаат во конците за заби или во самите заби и вилицата. Врз основа на тоа, експертите следат различни параметри, без разлика дали се работи за квалитетот на воздухот, карактеристиките на потта или расипувањето на забите и на крајот можат да дадат дијагноза за општата здравствена состојба.
За идејните решенија за вградување на електрониката се грижи Митар Симиќ, чија задача е да му го олесни користењето на производот на крајниот корисник.
- Една од задачите што секогаш се многу предизвикувачки е како да подготвиме електроника за сензорот што го правиме, што ќе го претвори тој сензор во серија корисни информации кои подоцна ќе можат да се прикажат на компјутер или мобилен телефон - вели Митар Симиќ, доктор на науки по електротехника и компјутери.
Тука е и Адријан Стевракис, истражувач од Грција, чија специјалност е поврзување на електрониката со текстил.
- Моментално работам на развивање сензори и нови материјали, кои би можеле да ги направат сензорите достапни за секого и би можеле да се носат на телото - вели Адријан.
Крајната цел на овие научници е масовно производство. Така, овие производи, по пристапни цени, би биле достапни за луѓето како прва помош при откривање на првите симптоми на болеста.
Фото: Freepik