X
 28.07.2023 Живот

Жените патуваат повеќе од мажите

Дали некогаш сте се запрашале кој владее во светот на патувањата? Веројатно автоматски си претпоставувате дека тоа се мажите.

Во тој случај сте погрешиле бидејќи светот на патувањата, барем според истражувањата, сè уште е „женски“. Имено, жените дефинитивно патуваат повеќе од мажите, а сега тоа е поткрепено со бројки. Зошто и колку точно, истражуваше магазинот „Форбс“ во напис на оваа тема, во кој собра некои од најинтересните статистички податоци од различни извори. Низа податоци се однесуваат на САД, но сепак се значајни.

Така, истражувањата покажуваат дека просечниот патник во САД е жена на возраст од 47 години и дека, без разлика дали патуваат со партнерот, семејството, пријателите, сами или во организирана група, жените се тие што носат 80 отсто од одлуките поврзани со патувањето. Во 2021 година жените кои патувањето го гледаат и како награда и како бегство потрошиле неверојатни 125 милијарди долари.

Зошто жените сакаат повеќе да патуваат од мажите?


Според бројките, очигледно е дека жените сакаат да патуваат повеќе од мажите. „Форбс“ објаснува дека можеби повеќе ги интересира некоја адреналинска опција, но три четвртини од оние што се одлучуваат за авантуристички, културни или природни убавини се жени. Покрај тоа, во поголема мера од мажите, жените сакаат да запознаваат луѓе и да купуваат локални производи.

2
Фото: Unsplash

Доминацијата на жените во светот на патувањата е видлива не само во САД, туку и на глобално ниво. Во САД соодносот на патници жени и мажи е 63 наспроти 37 отсто. На глобално ниво, 64 отсто од жените наспроти 36 отсто од мажите. Интересно е и тоа што жените кои се сами, односно без партнер, почесто се одлучуваат за патување од мажите кои се слободни, иако истражувањата покажуваат дека 91 отсто од жените сепак резервираат патувања со пријателите.

Во сè поголема мера жените во денешно време „растураат“ и на полето на финансиите и патувањето. Така, жените сè повеќе заземаат добро платени работни места и лидерски позиции, а тие имаат 60 отсто од богатството во САД. Исто така, тие претставуваат 54 отсто од патниците со годишни приходи повисоки од 250 илјади долари. Тие и живеат подолго од мажите и често ги користат наследените средства за патување во пензија. Од друга страна, тие се посклони кон внимателно планирање на патувањата, но и почесто штедат за патувања.

Туристичката индустрија го препозна сето ова. Така, жените сочинуваат повеќе од 50 отсто од работната сила во туристичкиот сектор. Исто така, тие сè повеќе заземаат водечки позиции во него. Но, самата индустрија првенствено ги таргетира жените. Тие се во центарот на рекламите, па често се прикажани како весели, млади и се забавуваат со своите пријатели. Ваквиот став се одразува и на социјалните мрежи.

Што точно ги мотивира жените да патуваат толку многу?

Наводно, клучните двигатели се интроспекцијата, инспирацијата и трансформацијата. Од друга страна, се поставува логично прашање: зошто мажите се помалку наклонети кон патување? Не постои прецизен одговор на тоа, а повеќето теории се вртат околу фактот дека жените ја стекнале својата слобода од традиционалните улоги, вклучувајќи ја нивната финансиска слобода и слободата да патуваат, во последните неколку децении, додека мажите отсекогаш ја имале.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот