Додека го читате ова, вашата врска зависи од инфраструктура која е сè позагрозена. Од соларни бури до сајбер-напади, заканите се реални, а експертите предупредуваат дека голем прекин ќе се случи кога-тогаш, пишува „Хафпост“.
Го читате овој текст, но не би можеле доколку ви паднеше интернетот. Веќе е доволно непријатно кога врската ќе исчезне на неколку часа поради бура или прекин во снабдувањето со електрична енергија, но што би се случило кога интернетот би престанал да работи на неодредено време, и тоа на големо подрачје?
Цела држава или регион би можел да остане без интернет или струја поради софистициран сајбер-напад, геополитичка саботажа или проблеми со застарената енергетска мрежа. Таквите закани повеќе не се само хипотетички.
Соларните бури би можеле да ја загрозат енергетската и комуникациската инфраструктура, додека подморските кабли, низ кои поминува повеќе од 95 проценти од меѓународниот интернет-сообраќај, станаа потенцијални мети на саботажи. На нивната ранливост предупредуваат и инцидентите забележани во Балтичкото Море и околу Тајван.
Имате ли план за такво сценарио? Повеќето луѓе немаат.
Американската Сојузна агенција за управување со вонредни ситуации, ФЕМА, анкетира повеќе од седум илјади луѓе за извештајот за подготвеност за катастрофи за 2024 година. Истражувањето покажа дека 57 проценти од луѓето не се подготвени, ниту имаат намера да се подготват за катастрофа од големи размери.
Тоа загрижува бидејќи вонредните ситуации поврзани со прекини на интернетот или струјата се многу веројатни, смета безбедносниот аналитичар и автор Роберт Сицилијано.
-Не мислам дека е прашање „ако“, туку „кога“. Електричната мрежа каква што ја познаваме е стара околу 120 години и е толку распрскана што локалните или регионалните прекини се случуваат пречесто - предупредува Сицилијано.
Тој додава дека секој би требало да размисли за резерви од храна, вода, батерии и резервно напојување и нагласува дека поимот преживувач, со кој се означува лице што активно се подготвува за катастрофи, неправедно стекнал лоша репутација.
Доколку сакате нормално да функционирате во случај на регионален или национален прекин на струјата или интернетот, Сицилијано е јасен: времето за подготовка е пред да се срушат системите.
Подготовката за поединечни прекини на интернетот и струјата е релативно едноставна бидејќи подразбира резервни начини за пристап до интернет и можност за самостојно производство или складирање енергија.
Шон Голд, експерт за подготвеност и сопственик на интернет-страницата „Тру препер“, смета дека најдобриот начин за зачувување на дигиталниот живот е да се претпостави дека ќе дојде до криза и да се планира во согласност со тоа.
Мобилниот хотспот може да помогне за време на прекин што трае еден или два дена, но во случај на поширок пад на интернетот, таа опција може да стане неефикасна поради преоптоварување на мобилните базни станици.
Многумина се свртуваат кон сателитски интернет, како „Старлинк“, дури и кога не живеат во рурални подрачја.
Хотспот е функција што паметниот телефон го претвора во Wi-Fi пристапна точка на која можат да се поврзат компјутер или таблет. „Старлинк“, од друга страна, овозможува пристап до интернет преку сателит, заобиколувајќи дел од земјената инфраструктура како мобилните кули и класичните кабли.
Голд предлага и мобилни сателитски пакети кои можат да се паузираат кога не се користат. Таквото решение може да послужи како резервна интернет-врска која се активира само во кризна ситуација.
Листа за технолошко преживување
Пред да дојде до прекин, корисно е да се подготви основна опрема. Доколку имате повеќе пари, можете да создадете фонд за зачувување на технологијата и да набавите неколку клучни уреди.
Преносливите полначи можат да напојуваат телефони и други помали уреди неколку дена, во зависност од нивниот капацитет и начинот на користење.
За поголеми потреби постојат преносливи енергетски станици, односно големи батерии кои можат да напојуваат одделни апарати за домаќинство. Тие се потивка и почиста алтернатива на класичните генератори.
Генераторите на гориво, исто така, можат да бидат корисни, но бараат исклучителна претпазливост поради опасноста од труење со јаглерод моноксид. Никогаш не смеат да се користат во затворен простор, гаража или непосредно до прозорци и врати.
Не треба да се заборави ни основната опрема. Квалитетна светилка е важна доколку струјата исчезне ноќе, а радиото на батерии може да стане единствен извор на вести и официјални информации доколку телефоните и интернетот престанат да работат.
Финансиски план за свет без интернет
По обезбедувањето на основната технологија треба да се размисли и за парите. Големата зависност од дигиталното банкарство ги прави домаќинствата ранливи на подолги прекини на мрежата и електричната енергија.
-Речиси сите пристапуваат до своите банкарски сметки преку интернет за да платат сметки, да извршат уплата или да повлечат средства - вели Крис Рејнолдс, експерт за управување во вонредни ситуации со повеќе од 35 години искуство.
Навикнати сме горивото, намирниците и другите потреби да ги плаќаме со картички или мобилни уреди, поради што многумина немаат доволно готовина ниту во паричникот ниту дома.
При прекин на интернетот и струјата, банките, банкоматите и терминалите можат да станат недостапни, со што луѓето привремено можат да останат без пристап до сопствените пари.
Рејнолдс советува помал износ на готовина да се чува на сигурно и водоотпорно место.
Припејд-картичка одвоена од секојдневните сметки исто така може да биде резервно решение, иако и нејзината употреба ќе зависи од тоа дали работат терминалите и комуникациските мрежи.
Како дополнителна можност, Рејнолдс го наведува договорот со соседите или членовите на заедницата за меѓусебна помош во храна, потреби и помали трошоци за време на краткотрајна криза.
Семеен план за комуникација во хаос
По прекинот, повеќето луѓе најпрво ќе се обидат да проверат дали нивните блиски се безбедни. Проблемот настанува кога мобилните мрежи, интернетот и вообичаените апликации за комуникација не работат.
Џереми Гок, извршен директор на компанијата „Ентропи срвајвал“, препорачува изработка на семеен комуникациски план пред прекинот на интернетот.
Планот би требало да вклучува однапред договорено место за средба доколку членовите на семејството живеат блиску, како и распоред на обиди за воспоставување контакт доколку се оддалечени.
Корисно е да се одреди и едно лице од доверба кое ќе служи како посредник за пренесување информации меѓу членовите на семејството.
Гок препорачува планот да се испечати, да се заштити од вода и да им се подели на сите членови на семејството бидејќи во стресни ситуации не е добро да се потпира само на меморијата.
Како дополнителна мерка можат да послужат сателитски комуникатори како уредот „Гармин инрич“, кои овозможуваат испраќање пораки преку сателит кога мобилните мрежи не работат.
Не треба да се занемарат ни постарите технологии. Фиксните телефони, доколку мрежата не е оштетена, радиостаниците и воки-токи уредите можат да бидат корисни за одржување комуникација на пократки растојанија.
Клучно е да се планира за технолошки прекин и да не се претпоставува дека дигиталната инфраструктура секогаш ќе функционира беспрекорно.
- Започнете со прифаќање на фактот дека, ако нешто може да падне, веројатно и ќе падне - вели Гок.
Кога тоа ќе се прифати, знаењето, договорот и подготвеноста стануваат највредната технологија што ја има човекот.
Фото: magnific