X
 28.10.2020 Економија

50 бездомници добиле по 5.600 долари. Еве што се случило потоа

Една канадска иницијатива покажува дека еднократната финансиска помош може да има големо влијание во намалувањето на сиромаштијата.

„Њу лиф“ е програма на непрофитната организација „Фондации за социјални промени“ во Ванкувер. Во рамките на програмата организацијата им доделила еднократна финансиска помош од 7.500 канадски долари (околу 5.600 американски долари) на 50 бездомници. Организацијата ги следела животите на овие бездомници и на друга група од 65 бездомници што не добиле никаква финансиска помош.

Иницијативата почнала во 2018 година и била спроведена заедно со Универзитетот во Британска Колумбија. Таа покажала дека бездомниците што добиле финансиска помош поминувале помалку денови без покрив над главата во период од една година откако ги добиле парите во споредба со оние што не добиле помош. Бил забележан пад во бројот на денови поминати на отворено кај бездомниците што добиле помош, додека овој број растел кај бездомниците без финансиска помош.


Фото: Pixabay

Освен тоа, оние што добиле финансиска помош побргу се удомиле, имале посигурен пристап до храна и помалку трошеле на алкохол, цигари и дрога. Бездомниците што добиле пари успеале и да заштедат просечно 1.000 канадски долари на крајот од годината.

Клер Вилијамс, извршен директор на „Фондации за социјални промени“, вели дека резултатите од истражувањето им пркосат на претпоставките дека на бездомниците не може да им се верува кога станува збор за управување со парите.

Организацијата верува дека економската инклузивност е од витално значење за луѓето. За бездомниците, финансиската помош не е само помош, туку е сигнал дека општеството верува во нив. Помошта за бездомниците е особено важна за време на пандемијата, со оглед на тоа што се претпоставува дека бројот на бездомници ќе се зголеми поради финансиската криза предизвикана од пандемијата.

Автор: Натали Маршант
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија