Меѓународната организација на трудот (МОТ) проценува дека во светот има 50 милиони луѓе што се присилени на работа или брак. Тоа е еднакво на еден на секои 150 луѓе. Бројот е за речиси 10 милиони повисок отколку пред пет години.
- Ништо не може да го оправда опстојувањето на оваа фундаментална злоупотреба на човековите права - изјавил генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер.
Организацијата посочува дека ропството не е ограничено само на сиромашните земји и дека над половина од присилната работа се случува во побогатите земји. Во анализата, под модерно ропство се сметаат случаи во кои лицето не може да ја напушти работата или бракот поради закани, насилство, измама, злоупотреба на моќ или други форми на принуда.
Заробеноста во присилна работа може да трае со години, но во повеќето случаи со присилниот брак тоа е доживотна казна. МОТ проценува дека околу 27,6 милиони луѓе се присилени на работа, од кои 3,3 милиони се деца. Од децата, над половина се изложени на комерцијална сексуална експлоатација.
Дополнителни 22 милиона луѓе се присилени на брак, од кои над две третини се жени, а многу од жртвите се помлади од 15 години при стапување во брак.
Фактот дека ситуацијата се влошува е комбинација од повеќе кризи кои ја зголемуваат сиромаштијата низ светот, според МОТ. Пандемијата, војните и конфликтите се дел од овие кризи што ја зголемуваат сиромаштијата во светот.
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Pixabay