X
 29.03.2019 Наука

НАСА ќе ви плати 16.500 евра да лежите в кревет цели два месеца

Ако мислите дека ви е потребна диплома за физика за работа во НАСА, не сте во право.
 
НАСА моментално им нуди 16.500 евра на волонтери да лежат во кревет цели два месеца за да им помогнат да разберат како вештачката гравитација може да влијае врз човечкото тело.

Ова истражување, наречено AGBRESA (Artificial Gravity Bed Rest Study), беше лансирано оваа недела од НАСА во соработка со Европската вселенска агенција и Германскиот воздухопловен центар.

Истражувањето првпат ќе вклучи употреба на вештачка интелигенција како можен начин за спречување на негативните ефекти на отсуството на гравитацијата врз човечкото тело.

Истражувачите бараат 12 женски и 12 машки волонтери, на возраст од 24 до 55 години, да поминат 60 дена во кревет. Сите волонтери мора да зборуваат германски.

nasa
Фото: Getty/Lars Zahner


Креветите ќе бидат сместени во објектот за медицински истражувања на Институтот за воздухопловна медицина на Германскиот воздухопловен центар во Келн.

Сите експерименти, оброци и слободни активности ќе се одвиваат со лежење. Учесниците ќе останат во објектот вкупно 89 дена, вклучувајќи и пет дена за запознавање и 14 дена за одмор и астронаутска рехабилитација.

Во текот на истражувањето на волонтерите ќе им биде ограничено нивното движење за да се обезбеди дека ќе им биде намален притисокот врз мускулите, тетивите и скелетниот систем.

Креветите ќе бидат навалени надолу за шест степени, за да се симулира поместување на телесните течности што ги доживуваат астронаутите во вселенските бродови.

Половина од учесниците ќе имаат тестирање слично на тоа во вештачката комора за гравитација. Тестирањето ќе вклучува и вртење на машина со брзо ротирачки контејнер што применува центрифугална сила со 30 вртежи во минута, со цел да ја присили крвта да оди назад во нивните екстремитети.

Во текот на тестот научниците ќе ги тестираат волонтерите за нивните когнитивни способности, мускулна сила, рамнотежа и кардиоваскуларна функција.

Со споредување на физичкото влошување на двете групи, истражувачите се надеваат дека истражувањето ќе им открие податоци што ќе им помогнат во ублажување на ефектот што го имаат астронаутите за време на долготрајното патување низ вселената.

- Двата ефекта се слични на она што астронаутите го доживуваат во вселената. Иако ефектите на бестежинска состојба првенствено се испитуваат на Меѓународната вселенска станица, сепак, ваквите истражувања се корисни при проучување на одредени теми под контролирани услови на Земјата. Овие наоди подоцна ќе бидат потврдени на Меѓународната вселенска станица - рече Летиција Вега, главен научник за меѓународни соработки за програмата на НАСА за човечки истражувања.

Истражувањето ќе им помогне на истражувачите и да го решат проблемот со мускулната атрофија предизвикана од бестежинската состојба, како и други стресови како космичко зрачење, изолација и просторни ограничувања.

Истражувањето ќе има две групи, првата ќе пристигне на 25 март, а втората на почетокот на септември.

Апликациите за есенската група се примаат до 24 мај. Ако сакате да учествувате во експериментот, испратете е-порака на probanden-bit@dlr.de.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука