X
 28.11.2020 Живот

Цел град во Алјаска живее во една зграда

Доколку мислевте дека ви е тежок животот оваа година поради пандемијата, замислете го животот во град во кој речиси сите жители живеат во една зграда. Таков е случајот со градот Витиер во Алјаска, кој бил основан во средината на 50-тите години како воено пристаниште и касарна за американската армија за време на Студената војна. Кога војската се повлекла, останале 31 цивил. Овие луѓе се почеток на денешната заедница во Витиер.

Во градот живеат 300 жители и речиси сите се сместени во кулите „Бегич“, комплекс на згради изграден во 1957 година во кој има пошта, продавница, болница, полициска станица, канцеларија на градоначалникот, црква, пералница, мал хотел, конференциска соба и базен. Училиштето е поврзано со подземен тунел.

Секоја од зградите во комплексот има 14 ката, а во целиот комплекс има 150 стана. Тој претставува град под еден покрив бидејќи жителите не го напуштаат освен кога навистина имаат потреба.

До 2000 година до Витиер можело да се стигне само со воз преку долг тунел што бил изграден во 40-тите години. Подоцна тунелот бил проширен за да се овозможи да помине автомобили, но и денес тунелот има само една лента за автомобили и се користи наизменично за секоја страна. Лентата се затвора секоја ноќ во 22:30 часот и се отвора следното утро.


На почетокот на пандемијата оваа изолација претставувала предност за жителите на градот. Биле преземени соодветни мерки за физичко дистанцирање и дезинфекција во зградите и била затворена црквата, како и другите јавни места. Сепак, во август вирусот стигнал до Витиер откако шестчлено семејство се заразило со коронавирусот. Семејството се изолирало и соседите им носеле храна и други намирници.

Претходно имало индивидуални случаи на заразени лица во близина на зградите. Оттогаш градот добро се справува со пандемијата бидејќи нема зголемување на случаите.

Но, можеби се прашувате зошто жителите во овој град живеат под еден покрив? Причината за тоа е фактот дека во градот нема многу употреблива земја. Најголема површина од употребливата земја се користи од железницата.

Извор: messynesschic.com
Насловна фотографија: Screenshot/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот