X
 14.07.2019 Живот

Градот на светлината ќе стане многу позелен

Парискиот договор се најде на многу насловни страници по неговото усвојување во декември 2015 година. Изготвен во главниот град на Франција, во соработка со Обединетите нации, глобалниот договор ги повикува сите земји во светот да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ѝ дадат на инфраструктурата еколошки свесна надградба.

Во последните три години од потпишувањето на договорот, Франција објави неколку политики што ќе ги примени: забрана на возила со бензин и дизел, елиминирање на електричната енергија со јаглен и инвестирање милијарда долари во методите за одржлива енергија, меѓу другото.

Сега Париз оди чекор понатаму. Градоначалничката Ана Хидалго неодамна објави амбициозен план за да го направи Париз позелен - буквално.

Доколку сè оди според планот, „урбаните шуми“ наскоро ќе никнат во близина на многу историски знаменитости во Париз, вклучувајќи ги железничката станица Гар д'Лион и општинската зграда. Овие дрвја, што ќе се појават во многу подрачја каде што има пешаци - треба истовремено да го разубават и да го изладат сѐ потоплиот град (во јуни имаше рекордни високи температури од 37 степени).

Париз е она што се нарекува „урбан топлотен остров“. Кога има топлотен бран, градот обично е многу потопол од околината или селата. Планот на градоначалничката за создавање „островчиња на свежина“ ќе создаде природна сенка над и околу многу архитектонски локалитети во Париз, вклучувајќи ја и Ајфеловата кула.

1
Фото: Apur Luxigon / Céline Orsingher

Првата урбана шумичка ќе биде создадена наредната година. Сѐ на сѐ, градот планира да засади 20.000 нови дрвца до 2020 година. Крајната цел е да се покрие половина од површината на Париз со целосно насадени области до 2030 година, секако, доколку сѐ оди по планот.

Проектот за урбанистичко позеленување ќе значи жртвување на јавни површини и паркинзи за да се засади вегетација, што би можело да биде фрустрирачки за некои парижани. Исто така, тука е и прашањето за трошоците: канцеларијата на градоначалникот допрва треба да ја објави вкупната цена на овој проект, така што обезбедувањето и распределувањето на финансиите е уште една потенцијална грижа. И на крај, постојат луѓе што се загрижени дека погледот на некои популарни обележја ќе биде попречен од дрвјата.

Засега планот е добар. Првите нацрти од планот за урбаните шуми ја покажуваат градската општина во Париз опкружена со борова шума, додека областа околу оперската куќа ќе биде опкружена со прекрасни цутови од црешови дрвја. Бреговите на реката Сена ќе бидат опкружени со трева, а задниот дел од железничката станица Гаре д'Лион ќе биде украсен со прекрасни дрвја.

Покрај ова амбициозно урбано зеленило, градот има цел да биде целосно јаглеродно неутрален во период од 30 години - почист, позелен Париз.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот