X
 29.01.2020 Наша тема

Охриѓанка е лидер во машкиот инвестициски свет во Доха

Катарските медиуми ја сместуваат Елени Коровеш меѓу ретките жени-пионери што успеале со своето знаење да се искачат на лидерските позиции во финансискиот сектор, кој во оваа земја е познат по доминантниот машки свет

Елени Коровеш е дипломиран економист од Охрид и преку Љубљана се вивна во деловниот свет во Катар. Успешна, вредна и остроумна, денеска живее и работи во Доха, главниот град на Катар. Таа е меѓу малобројните жени што го креираат влијанието во катарскиот финансиски сектор. Медиумите таму ја сместуваат меѓу ретките жени-пионери што успеале со своето знаење да се искачат на лидерските позиции во финансискиот сектор, кој во оваа земја е познат по доминантниот машки свет. Елени е финансиски аналитичар во групацијата Al Jassimya Investment и член на управниот комитет на организацијата „Жени во инвестициското управување“. Оваа 30-годишна жена е упорна и се пробива во машкиот свет рушејќи ги бариерите и сфаќањата во професијата каде што мнозинството се мажи. Во Катар е веќе 5 години и вели дека за нејзината работа најважна е упорноста.

- Се обидувам да внесам позитивна енергија во размислувањето и секојдневните одлуки. Моето искуство сведочи дека навистина животот ни е таков какви што ни се мислите и дека ние самите сме креатори на сопствената среќа и судбина - вели Елени.


Таа е меѓу малобројните жени што го креираат влијанието во катарскиот финансиски сектор

Како се случи да ја изберете оваа арапска земја за професионална реализација по завршувањето на студиите во Љубљана?

- Тоа беше сплет на интересни околности и почетничка среќа. Во април 2014 година го претставував Универзитетот во Љубљана, со проект за евалуација на акциите на „Горење“ на интернационалниот натпревар во Милано, организиран од CFA Институтот. Токму таму имав можност да остварам контакти преку кои во септември, истата година, добив стручна пракса на една година под менторство на генералниот финансиски менаџер на една од најголемите катарски компании - Mannai QSC. Тоа навистина беше едно извонредно и пресудно искуство за понатамошниот развој на мојата кариера.



Какво е чувството да се биде успешна жена во една арапска земја и развиен економски центар каков што е Доха?

- Вистинско уживање! Катар е прекрасна земја со бескрајни можности. Веќе 5 години е и мојот драг дом. Степенот на развој во сите сфери и инвестирањето во нив на стратешко државно ниво е молскавичен. Еден од најважните и најуспешни сектори е токму образованието и развојот на науката. Постојано се прават напори да се донесат најголемите светски имиња на многубројни конференции, семинари, работилници и настани од најразличен карактер. Има многу можности преку кои сето тоа ми е достапно, најпрвин преку компанијата за која работам и која одвојува многу средства токму за оваа намена, но и преку многубројни организации во кои сум член или волонтер. Јас сум навистина благодарна и ми претставува огромно задоволство и вистинско уживање што можам да бидам дел од сето тоа, да учам и да бидам во тек со најновите случувања и истражувања.


Елени Коровеш е дипломиран економист

Со какви тешкотии се соочивте на почетокот и како ги надминавте?

- Уште на почетокот сметав дека сето ова ми е огромен предизвик и знаев дека мора да бидам храбра и одлучна. Го негувам тој став и денес и мислам дека многу успешно се приспособив и прифатив сѐ што беше ново и различно. Да се биде релативно млада жена во овие кругови има свои даноци. На пример, начинот на кој на прв поглед си осуден, без дури и да кажеш што било или, пак, цврсто излагање/конфронтирање со сопственото мислење пред група надредени и релативно поискусни клиенти и колеги од машкиот пол. Иако многу умешно го прикривам сето тоа, и ден-денес ми се потат рацете. Во однос на справувањето добивам професионална помош наречена развој на меки вештини, што вклучува едукација и тренинзи за надминување токму на ваквите предизвици и недостатоци што сме немале можност најпрвин да ги препознаеме за подоцна да ги развиеме.

Што Ви беше најтешко при искачувањето на патот кон успехот. Колку човек понекогаш сам си го блокира тој пат?

- 11 години живот надвор од Македонија е долго време. Најтешкиот дел беше далечината од дома и од моето семејство. За жал, блокадите што настануваат се најчесто од нас самите и доколку не ги препознаеме, сериозно го загрозуваат нашиот раст и развој. Мора да веруваме во своите намери, да сме упорни и истрајни и, секако, да вложуваме многу енергија во постојана едукација. За среќа, постојат техники и правила што лесно се совладуваат и навистина помагаат во справување со ваквите блокади.



Каде ја црпите силата за „борбата“ во докажување на женските способности, особено во земја каква што е Катар?

- Во процесот на нашето образование загрижувачки малку внимание беше посветено на клучни аспекти од развојот на интер- и интраперсоналните вештини. Тука се вклучени тренинзи и едукација на јавно говорење, професионално изразување, самодоверба, справување со стрес, работна култура и однесување, етика во работен однос и сл., кои се еднакво важни за нашиот професионален профил, како и стручното знаење. По завршувањето на студиите, кога првпат влегуваме во работен однос и се соочуваме со работна околина, колеги, надредени и клиенти, ние за жал, и без исклучоци, се разочаруваме токму поради нашето незнаење да се справиме со сето тоа одеднаш. Како што изминува времето, искуството нè учи дека професионалното однесување е навистина најбезболно и дека интегритетот што го градиме за себе мора да е беспрекорен и да се гордееме со тоа. Мојот личен предизвик уште од најраните почетоци беше работна околина во која доминира машката популација. Не би рекла дека беше или е тешко, но сепак е различно и сето тоа приспособување, прифаќање и учење ме надгради како личност и професионалец. Што се однесува до „борбата“, тоа би сакала да го парафразирам како заеднички напор кон постигнување исти цели, независно од полот. Ние мора да сфатиме дека патот до лидерските позиции, да се добијат и уште поважно да се зачуваат, е преку заемна поддршка, мотивирање и континуирано учење. Давање еден совршен пример за другите.



Каков е животот во Доха, во што уживате по напорниот работен ден или недела?

- Во Доха ја имаме таа среќа да имаме летна сезона од 9 месеци. Во овој период температурите не се многу високи и се пријатни за активности на отворено. Топлото време навистина придонесува за добро расположение и речиси сите мои пријатели го делат ова мислење, така што дружењето е многу лесно и забавно. Имам многу колеги и пријатели од целиот свет и слободното време го поминуваме организирајќи различни активности, како што се сафари во пустина, плажа, пливање, јога, патувања и нормално - преубавата арапска кујна.

Носталгична ли сте по Охрид, семејството, пријателите?

- Кога ќе погледнам наназад, времето навистина многу брзо помина и во сето тоа време отсуството на Охрид, семејството и пријателите беше многу присутно. Секако дека ми недостигаат, секој ден! Се трудам секој слободен момент да го поминам со нив.



Во Доха има голем број странци. Споменавте дека имате многу пријатели од други земји. Се чувствувате ли како македонски амбасадор во Катар?

- Катар е една од најинтернационалните средини во светот со само 12% катарско население, а останатиот дел се странци. Можете да замислите како сето тоа функционира на улиците. Најразлични култури на однесување, обичаи, религии, мириси на зачини, кујни и јазици. Фасцинантно е, исто така, што и покрај сето тоа постои една кохерентност што функционира прекрасно. Почнувајќи од срдечноста и прифаќањето на домаќините Катарци, па сѐ до процесот на адаптирање на секој кон секого. Најголемиот дел од народот во Катар се странци и веројатно сите го имаат истото чувство на носталгија по домот, па се трудат да се реализираат во нови пријателства. Македонија ја претставувам најдобро што можам, нашата култура е навистина прекрасна, но и многу слична на арапската во однос на срдечноста, гостопримството и обичаите. Многу од моите пријатели веќе ја посетија Македонија и навистина беа воодушевени од целокупното искуство. Храната, природните убавини, културата и културните споменици, но и менталитетот на нашата нација. Секако, недоречени остануваат напорите што дипломатските претставници тука треба да ги остварат за нашата земја да биде препознаена. За жал, досега навистина не сретнав ниту еден претставник од нашата амбасада на ниту една локална конференција за инвестиции и народна економија. Оваа земја во моментов има инвеститори и капитал кој може да биде наменет за развојни и капитални проекти и увоз од секаков вид, но едноставно ваквата наша надворешна политика не го препознава и решава тоа.



Кои се Вашите следни работни предизвици и каде се гледате себеси во иднина?

- Кога зборуваме за текот на кариерата и проектирањето на иднината, што и каде сакаме да бидеме, од денешен аспект, критично е да се има цврсти убедувања. Влијанието на финансиската технологија зема сè поголем замав и доминира речиси на секое ниво во процесот на одлучување. Ако замислиме дека науката развива алгоритми кои со голема прецизност ги проектираат траекториите на хартиите од вредност и однесувањата на инвеститорите, човековиот дел во целиот процес практично станува непотребен. Со оглед на сето тоа, отворена сум за предизвици и свесна дека за 5 години можеби ќе работам нешто што во моментов не постои. Верувам дека ние ја имаме таа привилегија да живееме во едно многу динамично време со неограничени можности и дека сѐ што посакуваме може да го оствариме со малку среќа и многу упорност.

Исто така, би била среќна доколку продолжам да се искачувам на повисоки позиции во областа на инвестицискиот менаџмент и управување со капитални средства бидејќи изминативе години вложив многу време и труд во моето лично усовршување и добивање интернационални сертификати токму за оваа област.
Мојата професија бара постојана едукација и усогласување со највисоките стандарди, етички во најголем дел, со цел да се афирмира стабилноста на целата индустрија, каде што инвеститорите треба да чувствуваат стабилност и сигурност во исправноста на управувањето со нивните средства.
Подготвил: Валентина Неловска, наш дописник од Охрид

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема