X
 29.01.2022 Наша тема

Под вода е како на друга планета, вели професионалниот нуркач Александар Ацев

Александар Ацев учествувал во повеќе експедиции, меѓу кои и научни за истражување на подводниот свет на Големо Езеро на Пелистер, чие дно е како музеј под вода. Нуркачите внатре виделе бомби од Првата и од Втората светска војна, муниција, шлемови, па и шишиња со француско вино, останати од пред повеќе од сто години

Во водите на Големо Езеро на Пелистер опстојува многу ретка бактерија, која не е штетна за човекот, а се претпоставуваше дека е ендемски вид во друго планинско езеро во Аргентина. Ова е само едно од научните откртија од подводните експедиции во кои учествувал професионалниот нуркач Александар Ацев од Битола, член на спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Нурка со години, а бил дел од меѓународни експедиции, како и од домашни за проучување на подводниот свет на глацијалните езера Пелистерски Очи на Баба Планина, понорите преку кои истекуваат водите од Преспанското Езеро, пештери и друг подводен свет.



Ендемска бактерија која не е штетна за човекот содржи Големо Езеро на Пелистер

- Од неколкуте експедиции за истражување на водата и седиментот што сме ги направиле на Големо Езеро највозбудлива беше онаа пред неколку години кога во соработка со Природно-математичкиот факултет бевме обучени како да земеме примероци од вода и седимент од дното на Езерото. Анализите беа објавени во научен труд, а меѓу нив и тоа за ендемичната бактерија која е вистинска реткост. Исто така, во Езерото, кое е на надморска височина од 2.218 метри, живее и ендемски вид ракче. Тоа за мене беше и едно од најдолгите нуркања во ладната вода на Пелистерското Езеро - вели Ацев.

Максималната големина на ендемското ракче е околу три милиметри. Во моментов е загрозен вид зашто некои планинари своевремено го порибиле Езерото, несвесни дека со тоа ќе го нарушат биодиверзитетот. Во езерото има пастрмка, а и крап. Изгледаат малку чудно, дали поради надморската височина или поради планктонот со кој се хранат, тие се мутирани и во бојата. Рибата го јаде ракчето, главна исхрана ѝ е планктонот, но јаде и друго.



Ацев раскажува дека дното на Големо Езеро е како музеј под вода. Нуркачите внатре виделе бомби од Првата и од Втората светска војна, муниција, шлемови, па и шишиња со француско вино, останати од пред повеќе од сто години.

- Ние, нуркачите, во секој слободен момент од нашиот живот копнееме повеќе време да поминеме во уживање под вода. За мене, нуркањето претставува привилегија - како земно суштество приспособено да живее на површината на земјата да може да помине подолго време под вода без да му се нарушат основните функции - вели Ацев.

Тиркизни пејзажи под вода

Откако памети за себе, многу ја сака водата. Предизвик му било како да го надмине ограничувањето и да остане што е можно повеќе под вода. Желбата да стане професионален нуркач кај него ја поттикнал научнофантастичниот филм „Бездна“ („The Abyss“) од 1989 година во режија на Џејмс Камерон. Подоцна по некоја случајност го запознал професионалниот нуркач Слободан Рајковски, кој првпат му овозможи да го запознае подводното царство.
- Ме вчудовидоа подводните пејзажи со тиркизни бои, љубопитните риби кои пливаа околу мене на дофат на мојата рака. Тоа изгледаше како совршен свет, исполнет со спокој и хармонија. Единствениот звук што го слушав беа меурчињата кои излегуваа преку регулаторот за дишење - вели нуркачот.



Прашање за милион долари

По ова следувал и првиот курс за нуркање, кога го поставил и прашањето вредно милион долари.
- Слушајќи го мојот инструктор Орце Котевски за опасностите при нуркањето, низ глава ми се вртеше само едно прашање. Кога дослушав за опасностите и некои болести што нуркачите може да ги добијат, кренав рака и го поставив прашањето што за мене вредеше милион долари: Дали по завршувањето на овој курс ќе можам да нуркам во пештерата Врело на езерото Матка? Одговорот нормално беше негативен, но бев подготвен во тој момент да продолжам со едукација и да станам спелеонуркач - вели Ацев.
Подоцна учествувал во повеќе експедиции, меѓу кои и во Врело, а од меѓународните ја издвојува онаа од 2017 година со Полјакот Кшиштоф Старнавски, кој отворил нови хоризонти за Врело и постигнал рекордна длабочина од 240 метри. Поради сложеноста на пештерскиот систем и потребата од посовремена технологија за побрзо движење во длабочините, не се постигнала замислената цел од 300 метри длабочина. Инаку, пештерата Врело има сложен лавиринтски систем, но со многу широки канали и перфектно бистра вода со извонредна видливост.



- Неутралниот баланс на телото под вода е речиси ист како на астронаутите кога се во бестежинска состојба, надвор од гравитацијата на Земјата. Бевме договорени да осветлиме еден дел од пештерата на 120 метри оддалеченост од нејзиниот влез. Едноставно немам зборови како да го опишам чувството кога ги вклучивме сите подводни рефлектори, тоа може само да се доживее како шесто сетило. Изгледаше како да сме на друга планета - вели Ацев.

Во обид да се докажат нови понори под Галичица

Според него, подводниот свет во нашата држава не е доволно истражен, а особено пештерските системи, а кај нас ги има такви што во својот состав содржат и реки и езера. Во тек се подготвителни активности, а веќе е направена и пилот-експедиција за истражување на пештерскиот систем со влез на реката Бабуна и претпоставуваат дека се протега на огромна површина под планинскиот масив на врвот Солунска Глава. Експедицијата ќе биде спроведена во соработка на спелеонуркачките клубови „Врело“ и „Златоврв“, а можно е да се приклучат и интернационални експедиции.

Нуркачите од Врело веќе ја истражуваа пештерата Завир, која се посочува како најризична точка за истекување на Преспанското во Охридското Езеро. Но, се надеваат на понатамошна соработка со Општина Ресен за дополнителни истражувања зашто сметаат дека има и други понори.



- Посебен акцент планираме да ставиме на подводните понори и доколку сме во можност да ги откриеме, ќе можеме да пресметаме колкав е одливот на вода под планинскиот масив Галичица. Досега е утврдено дека водата истекува преку Завир, во близина на Горица, Албанија. Но, ова не е конечниот одговор за поврзаноста меѓу двете езера. Претпоставуваме дека има понори и во југозападниот дел на Преспанската тектонска плоча. Доколку го докажеме тоа, ќе биде полесно да го измериме одливот и да ги предвидиме циклусите на прилив и одлив, а можеби и да ги ублажиме последиците - вели Ацев.





Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема