Се чини дека сѐ поголем број режисери се одлучуваат за форматот серија или мини-серија кога сакаат да екранизираат некоја бестселер книга. А доказ за успехот на овој формат е „Игра на троновите“, култна серија која е базирана на книгата „Песна за мраз и оган“ на Џорџ Р. Р. Мартин.
Серијата доби повеќе награди и номинации, вклучувајќи ги наградите „Еми“, „Златен глобус“ како и други номинации, награди и признанија.
„Нетфликс“ забележа дека ваквите серии можат да доживеат епски успех, па во 2019 г. почна со снимање на серијата „Вештерот“, базирана на истоимениот книжевен серијал од полскиот автор Анджеј Сапковски. Дејствието се случува во измислена земја во средниот век позната како Континентот, а серијата ја истражува легендата на Гералт од Ривија и принцезата Сири, кои судбината ги поврзала. „Нетфликс“ најави дека ќе има и втора сезона чија премиера треба да се случи оваа година.
Но, тука не е крајот. Во април ќе имаме можност да ја гледаме серијата „Сенка и коска“, која исто така е снимена според многу популарниот истоимен роман.
Книгата раскажува за некогаш славното и моќно кралство Равка, кое е во долга војна, опкружено со непријатели и поделено со „раседот на сенката“, појас на непробојна темнина полна со злобни волци, монструми кои го напаѓаат секој што ќе се обиде да го премине.
Алина Старков никогаш не била особено добра во нешто. Но, кога волците ќе го нападнат нејзиниот полк, а нејзиниот најдобар пријател ќе претрпи страшни повреди, Алина ослободува неверојатна сила за која дотогаш не била свесна и му го спасува животот. Поради нејзината новооткриена моќ, таа е однесена во кралскиот двор, каде што поминува обука да стане член на гриша, волшебна елитна единица предводена од енигматичниот и моќен Дарклинг. Тој ја препознава нејзината моќ како клуч за ослободување на нивното кралство и конечно уништување на „расадот“ и волците.
Сепак, ништо во овој магичен свет не е како што изгледа на прв поглед. Додека целото кралство зависи од нејзината непредвидлива моќ, Алина прво ќе мора да се соочи со мрачните тајни на гриша, како и со скриените тајни на сопственото срце.
Авторката на книгата, Ли Бардуго, има напишано неколку фантастични романи од серијалот „Гришаверс“. Со продадени повеќе од три милиони примероци, серијалот ја опфаќа трилогијата „Сенка и коска“, дуологијата „Шест врани“ и романите „Јазик на трње“, „Кралот на лузните“ и „Живот на светецот“. „Нетфликс“ ги откупи филмските права за „Сенка и коска“ и „Шест врани“ и според нив е снимена оригиналната серија која ќе почне да се емитува на 23 април.
Фото: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube