X
 29.03.2023 Образование

Бројот на средношколци во Македонија падна под 70.000

На почетокот од учебната 2022/2023 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 185.099, што претставува намалување за 0,8% во однос на претходната учебна година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Истовремено, бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2022/2023 година, изнесува 69.227, што претставува намалување за 2,5% во однос на претходната учебна година.

Според податоците на ДЗС, во Македонија има 966 редовни основни училишта со 11.116 паралелки и 185.099 ученици. Во редовните основни училишта предаваат вкупно 19.050 наставници, од кои 13.591 се жени. Исто така, најголем дел од наставниците, односно 16.338, се со полно работно време.

Може да се забележи дека во споредба со минатата година, имаме пад и на бројот на редовните основни училишта, како и на бројот на паралелки, ученици и наставници во нив. Имено, лани сме имале 6 редовни основни училишта повеќе, бројот на паралелки бил поголем за 30, имало 1.550 повеќе ученици и 88 повеќе наставници во редовните основни.

Во земјава има 35 специјални основни училишта, што е за 3 помалку од лани, а во нив учат 610 ученици во 160 паралелки и предаваат 248 наставници.

Податоците покажуваат дека бројките кај основните училишта за возрасни остануваат речиси непроменети од лани, односно имаме 12 такви училишта со 33 паралелки, 387 ученици и 46 наставници.

Основно
Фото: ДЗС (за поголема резолуција, кликнете на сликата)

Во однос на средното образование, податоците на ДЗС покажуваат дека во земјава има 129 редовни средни училишта со 3.530 паралелки и 69.227 ученици. Во овие училишта предаваат 7.047 наставници, од кои 4.447 се жени. Мнозинството од наставниците, односно 6.182 се со полно работно време.

Може да се забележи дека бројот на редовни средни училишта е ист како лани, но имаме зголемување на бројот на паралелки (+4), пад на бројот на ученици (-1.791) и пад на бројот на наставници (-111).

Од вкупниот број редовни средни училишта, 11 се приватни со 122 паралелки, 1.755 ученици и 266 наставници.

Бројките кај специјалните средни училишта во земјава се речиси непроменети, па имаме 4 такви училишта со 61 паралелка, исто како лани, а во овие училишта учат 244 ученици (+13 од лани) и предаваат 87 наставници (+6 од лани).

Во Македонија има 2 средни верски училишта со 12 паралелки, 125 ученици (-29 од лани) и 39 наставници (+1) од лани.

Средно
Фото: ДЗС (за поголема резолуција, кликнете на сликата)

Ако се направи споредба со изминатите години, може да се види дека бројот на основци и средношколци во Македонија постојано опаѓа. Така, бројот на основци од 2010 година до денес е намален за повеќе од 19.000, додека бројот на средношколци во истиот период е намален за речиси 25.000.

(податоците се преземени од ДЗС и се однесуваат на редовни основни и редовни средни училишта)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование