X
 01.02.2019 Образование

Стабилна е состојбата на средношколците што вчера беа повредени при пукањето во Охрид

Директорот на училиштето, Сашо Недески, во телефонски разговор ни објасни дека ученик од трета година вчера пукал со импровизиран пиштол или гасен пиштол во негов соученик од прва година во дворот на училиштето. Откако пукнал во раката на соученикот, си пукал во себе

Стабилна е здравствената состојба на средношколците што вчера беа повредени во средното училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид, дознава Факултети мк. По укажаната медицинска помош сите биле пуштени на домашно лекување. Во тепачката учествувале четворица малолетници.
Директорот на училиштето, Сашо Недески, во телефонски разговор ни објасни дека ученик од трета година вчера пукал со импровизиран пиштол или гасен пиштол во негов соученик од прва година во дворот на училиштето. Откако пукнал во раката на соученикот, си пукал во себе.

- Тепачка сме немале 10 години во училиштето, а сега ете се случи ова. Ученикот кој пукаше е примерен, без учество во никакви инциденти. Има само 8 оправдани и еден неоправдан и е со многу добар успех. Не знам што му се случило за да го направи ова. Еве во моментов имаме и просветни инспектори во училиштето, а полиција им зела изјави и на двајцата ученици. Веројатно, но не можам со сигурност да потврдам, претходниот ден имале некаква расправија. Кај стручните служби не било пријавено ништо - вели Недески.
Тој вели дека во училиштето има 600 ученици и невозможно е да проверуваат што носат сите ученици во ранците.

Директорката на Општата болница во Охрид, д-р Славица Малеска-Стојадиновиќ, ни потврди дека вчеравечер ученици биле донесени во болницата.
Раководителот на одделот за хирургија, д-р Милчо Стефановски, ни изјави дека на лекување кај нив бил донесен ученикот-жртва со лесни телесни повреди.
- Не е задржан на лекување. Бил само прегледан, третиран и пуштен дома. Има рани нанесени од оружје на четвртиот прст од десната рака и има црвенило во предел на градниот кош. Тоа се лесни телесни повреди. По третирањето бил пуштен дома – ни изјави Стефановски.
Тој нагласи дека гасен пиштол не може да убие, но може да нанесе рани, црвенила, хематоми.
- Повредите од вакво оружје повеќе се добиваат од ударот - вели хирургот.


Средношколецот што пукал во својот соученик има 17 години. Неврологот Гулапка Василеска од одделот за невропсихијатрија од Општата болница во Охрид вели дека вчеравечер тројца ученици биле донесени на преглед. Момчето што пукало во соученик и во себе, и уште двајца ученици.
- Момчето што пукало е во одлична состојба и немаше повреди. Не може ни да се каже дека имаше повреда, мала беше, не може ни да се класифицира како телесна повреда. Беше донесен од страна на полиција и јавен обвинител. Му направивме психолошко тестирање, поразговаравме со него. Немал намера да повреди никого, ниту себеси. Тоа е првичната наша процена, но в понеделник ќе може повеќе да кажеме. Другите двајца ученици беа уплашени - вели Василеска.


МВР немаше известување за овој инцидент во утринскиот билтен.


Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование