X
 29.04.2020 Живот

Крадците имаат новa метa - маски и дезинфициенси

На 15 април директор на аптека во болница во Индијана, САД, пријавил кражба - претходната ноќ некој украл 30 претходно наполнети шприцеви со морфиум, во вредност од над 500 долари. Властите брзо уапсиле една жена што работела за компанија задолжена за чистење на објектот и нејзин пријател.

Но, вистинскиот плен не бил лекот, кој уапсените рекле дека планираат да го продадат за 3.000 долари, туку седумте кутии маски со медицинско ниво на изолација, 20 шишиња дезинфициенс, 10 туби сапун, марамчиња за дезинфекција и други нешта кои деновиве потешко се наоѓаат.

- Врз основа на моето искуство знам дека овие нешта се бараат на секундарниот пазар поради недостатоците што се резултат на пандемијата на коронавирусот и дека се продаваат на секундарниот пазар по цена многу поголема од пазарната вредност - истакна Џејсон Хоман од Администрацијата за сузбивање на дрога (ДЕА) во жалбата поднесена во федералниот суд во Индијана.


Кражбата на лекови во здравствените установи е сѐ поголем проблем во САД. Некои студии покажуваат дека до 10 отсто од фармацевтите, сестрите и анестезиолозите крадат лекови на работа. Организираната кражба на заштитна опрема, сепак, е многу понов феномен. Полицијата месецов уапси чистачка од болница во Аризона за наводна кражба на ракавици, дезинфициенси за раце, маски, тоалетна хартија и други нешта. Во Флорида полицијата уапси асистент на лекар откако вработените во болницата го виделе како го полни својот автомобил со големи количини заштитна опрема. А крадци од Хаваи неодамна избегаа со заштитна опрема вредна 250.000 долари.

Кражбата на опремата и нејзината продажба на секундарниот пазар по многу повисока цена придонесуваат за нејзин недостиг во американските болници, а многу од тие болници се борат да набават доволно опрема за персоналот. Медиумите известуваат и дека федералните власти неодамна отвориле истрага за фармацевт од Њујорк кој наводно продавал заштитна опрема по цена 15 пати повисока од регуларната.

Во однос на случајот во Индијана, осомничените биле фатени многу брзо. Ако тие бидат прогласени за виновни по сите точки, може да се соочат со 70 години затвор и парична казна до 2,5 милиона долари.

Извор: Quartz
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот