Покраината на северозападот од Сирија, која главно е во рацете на бунтовниците, го потврди првиот случај на заразен со коронавирус, предизвикувајќи страв од епидемија во камповите полни со раселени лица.
Од хуманитарните организации истакнаа дека лекар се заразил со вирусот во болница во град во Идлиб, во близина на турската граница. Истакнаа и дека лекарот бил во самоизолација и дека се следат неговите контакти. Болницата каде што работел е затворена, истакна службеник од Светската здравствена организација во Турција.
Со месеци хуманитарните организации предупредуваат за ризиците од избивање епидемија на коронавирусот во Северозападна Сирија. Минатата година сириската влада започна офанзива за преземање на Идлиб од џихадистичките сили. Речиси еден милион луѓе ги напуштија домовите во оваа област од минатиот декември, а многу од нив сега живеат во пренаселени бегалски кампови со несоодветни објекти за здравствена нега и малку чиста вода.
Постои стравување дека вирусот брзо ќе се прошири меѓу ранливото население, поразувајќи го веќе опустошениот здравствен систем.
Се проценува дека околу шест милиони лица се внатрешно раселени во Сирија, каде што има војна од 2011 година.
Моментално во Идлиб има прекин на огнот. Од добротворната организација „Спасете ги децата“ велат дека сега повеќе од кога било треба да има мир и сите напори да бидат насочени кон здравството. Оттаму додаваат дека потврдувањето на првиот случај во Идлиб е голем удар за милионите жители, главно жени и деца, што живеат во областа.
Во Сирија официјално се забележани 372 случаи на коронавирус, вклучително и 14 смртни случаи, според следењата на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД. Но, имајќи го предвид малиот број на тестирања, се смета дека бројот на заразени и починати е поголем. До 30 јуни во Северозападна Сирија биле направени само 1.661 тест, а во регионот, според организацијата, имало само едно место за тестирање.
Насловна фотографија: Pixabay