Луѓето во Северна Кореја се принудени да даваат мито за да преживеат, утврдено е во извештај на ОН за човекови права, составен според сведочења на 214 лица кои успеале да избегаат од земјата во 2017 и 2018 година.
Владата во Пјонгјанг ги демантира овие информации.
- За граѓаните на Северна Кореја животот е секојдневна борба за преживување во магичниот круг на сиромаштија, корупција и репресија - се вели во документот.
Во него се додава дека државата не ги обезбедува основните потреби на граѓаните и ги тера на сива економија.
- Правата на храна, здравство, засолниште, работа, слобода на движењето и воопшто на слобода се универзални и неповредливи, но во Северна Кореја тие зависат главно од можноста на луѓето да даваат поткуп на државни службеници - истакна Мишел Башеле, висок комесар на Обединети нации за човекови права.
Работата што ја обезбедува државата не е доволна за луѓето да преживеат, стои во документот.
Истовремено, оние што се обидуваат да продадат нешто се апсат. Заканата за апсење е средство со кое луѓето се тераат да даваат мито, се подвлекува во извештајот.
Извор: МИА