Македонската уметница Елпида Хаџи-Василева, која живее и работи во Велика Британија, повторно ѝ го привлекува вниманието на светската јавност. Имено, таа е позната по тоа што секогаш сака да експериментира со неконвенционални и отфрлени материјали во создавањето на нејзините дела, користејќи ги отпадните производи од месната индустрија како желудник од крава, тестиси на овни, јагнешки црева...
Нејзината скулптура со наслов „Карапејс оф бјути 2“ („Carapace of Beauty 2“) неодамна е откупена од страна на музејот „Позеум“ од Ричмонд, Австралија, и се наоѓа во неговата постојана поставка. За ова дело уметницата користела омасум или трета преграда од желудник на крава, јагнешко црево, пластична цевка и рачно изработено дрво од даб, со димензии 20 см x 30 см x 26 см.
Елпида Хаџи-Василева е родена во Македонија во 1971 година. Таа дипломирала на Школата за уметност во Глазгов во 1996 година и добила мастер-диплома на отсекот скулпторство при Кралскиот колеџ во Лондон во 1998 година. По дипломирањето, Елпида учествувала на многу интернационални изложби, вклучително „L’H du Siege“ во Франција, во музејот „Kilmainham Gaol“ во Даблин и трипати била претставник на Венециското биенале: во 2005 година на групна изложба, во 2013 била претставник на Македонија, а две години подоцна учествувала како претставник на Ватикан. Живее и работи во Лондон. Се смета за еден од најголемите таленти на денешнината и многу смело експериментира и умее на многу елегантен начин да ја шокира публиката.
И покрај ограничените можности за работа во услови на пандемија, Хаџи-Василева постојано е активна и работи со материјалите што ги има во нејзиното ателје. Моментално подготвува изложба што е закажана за август оваа година.
Често знаете да нè изненадите со некоја информација за достигнувања на Вашата уметност низ светот, последната е дека Ваше дело е откупено од музеј во Австралија. Кажете ни нешто повеќе за тоа како скулптурата „Карапејс оф бјути 2“ стигна во тамошната постојана поставка?
- Музејот „Позеум“ во Ричмонд, на австралискиот остров Тасманија, е научен музеј целосно посветен на интригантниот свет на изметот од животните. Карин Кох, креаторката и сопственичка на музејот, ги пронашла моите дела, претпоставувам на интернет бидејќи истражувала за уметници што работат со или инспирирани од системот за варење кај животните. Стапи во контакт со мене и ме праша дали имам достапни уметнички дела за продажба или дали би била заинтересирана да создадам уметничко дело инспирирано од животинскиот дигестивен систем. По долги дискусии, понудив да го завршам делото „Карапејс оф бјути 2“, кое го имав започнато уште во 2016 година. Елементите на ова дело беа веќе направени, сè што требаше да направам е да ги составам заедно. Се работи за скулптура направена од омасум (стомак од крава), јагнешки црева, пластична цевка и парче од даб со димензии 20 на 30 на 26 сантиметри. Карин Кох во музејот создаде специјална кутија каде што делото ќе биде изложено и заштитено. Сега скулптурата е дел од трајната поставка и е изложена пред очите на посетителите на музејот.
Навистина ми претставува огромно задоволство што токму во ова време на пандемија, несакана изолација и борба за здравјето на човештвото, делото беше препознаено и откупено за да биде дел од колекцијата во музејот „Позеум“.
За какво дело станува збор и кажете ни нешто повеќе за соработката при неговата изработка со академици од медицинските оддели на универзитети во Велика Британија?
- Делото „Карапејс оф бјути 2“ беше создадено за изложбата „Изработка на убавина“ што се одржа во галеријата „Џанагли“ во Нотингем, во август 2016 година. Всушност е инспирирано и направено во соработка со академици од медицинските оддели на универзитетите во Нотингем, Источна Англија и Лондон. Истражувачката фаза на овој проект, која траеше една година, беше финансирана од „Велком труст“ во Лондон. Воведувајќи ја високо ценетата медицинска истражувачка активност во работата на делото, беа вклучени научници што работат на исхраната, здравата исхрана, дигестивниот систем и развој на високо специјализирани (невидливи за око) произведени делови што даваат решенија за некои медицински проблеми. Скулптурата ја открива кревкоста на нашето тело и ја одразува деликатната природа на овие медицински компоненти.
Познати сте по тоа што експериментирате со неконвенционални, отфрлени материјали во создавањето на своите дела, користејќи често отпадни производи од месната индустрија. Од каде таквиот порив?
- Отсекогаш сум била воодушевена од храната и од тоа колку здравата исхрана е важна за нашата благосостојба. Централно значење во моите истражувања имаат особеностите на местото: историја, локација, околина и заедница. Многу сум заинтересирана за тоа како размената на знаење може да се развие преку заедничка работа и тоа да се стави во контекст на пејзажот, наследството, науката и заедницата. Мојата уметност претставува всушност создавање специфична визуелна убавина чија есенција е токму во суштината за создавање убаво со грдо.
Некои го сметаат тоа за бизарен начин на изразување на креативноста. Ве погодуваат ли таквите критики или сте приврзаник на тезата дека уметноста не мора (не треба) да биде „убава“?
- Верувам дека добра или лоша критика е израз на мисла, ако некому моите дела му предизвикале некакво чувство и реагирал на некаков начин, тогаш чувствувам дека сум успеала. Ако некој изразува негативни емоции кон моите дела, тоа навистина не ми пречи, наместо тоа, мислам дека некој таму почнал да размислува за мојата уметност и за мене тоа е позитивна реакција. Моите дела некому му се допаѓаат, некому не, секако предизвикуваат одреден вид гадење, морбидност, дури и ужас, по спознанието за природата на материјалот. Сепак, тие никого нема да остават рамнодушен, а тоа е и една од улогите на уметноста.
Како го преживувате ова време на пандемија, изолација и борба за здравјето на човештвото, Ви паѓа ли тешко или го поттикнува Вашиот создавачки порив?
- Многу тешки и вознемирувачки моменти се кога гледам и слушам што се случува во светот, не можеме да си ги видиме семејствата, пријателите. Блиски луѓе си заминуваат... Но истовремено можам да кажам дека за мене ова е многу продуктивно време, особено што во мојата работа се занимавам со истражување на тоа како болестите влијаат и создаваат промени. Се вратив од тримесечно истражувачко патување во Кина на крајот од 2019 година, само што земјата беше ставена под блокада. Внимателно следев како се развива пандемијата. Повеќето од моите меѓународни проекти во тоа време беа откажани или одложени. Морав да се преиспитам и да направам план како најдобро да го поминам времето, бидејќи никој од нас не знаеше колку ќе биде потребно за да се вратиме на некаква нормалност. Главно работев во моето студио, бев навистина многу продуктивна, создадов многу нови дела без притисокот на зададените рокови и очекувања. Навистина оваа година ми даде време да размислувам и да создавам нови дела, инспирирани од пандемијата. Создадов и онлајн-продавница каде што може да се купат некои мои дела со помали димензии: предмети, ламби, цртежи и принтови.
Сте биле претставник на Ватикан на Венециското биенале на уметноста, еднаш и на Македонија, но со доста проблеми околу транспортот на делата и излагањето. Какви спомени носите од овие искуства?
- Проектот со кој го претставував националниот павилјон на 55. Венециско биенале го доби финалниот наслов „Силетио Патологиа“, а концепциски третираше неколку аспекти: патот на транспортот на свилата од Исток кон Запад, патот на пренесувањето на заразната болест чума по овој трговски пат, трансмисијата како феномен (идеи, стоки, искуства, добра, информации, но и нуспојави како заразните болести дури и во современ контекст), кожата како заштита и идентитет, и уште многу други мултислоевити дискурси се провлекуваат во суштината на идејата на проектот, кои опфаќаат различни дисциплини: историја, географија, биологија, економија, социологија, медицина и друго. Визуелно, делото беше просторно специфична инсталација, разрешена во неколку слоеви, во облик на лавиринт, за да се дојде до срцевината на зададената патека на движење. Патеката ја чинат ѕидови од кородиран метал, мрежа од кожурци, мрежа од свила, канапи од кожи од бели лабораториски стаорци за на крајот да дојде моментот на изненадување – живи црни глувци во кафези.
Да, имаше проблеми околу транспортот и поставувањето на изложбата. Но, ми се чини дека секогаш успеваме да ги забораваме лошите работи што ни се случуваат, тоа е дел од човечката моќ, претпоставувам. Моите родители ме учеле да простувам и да заборавам. Значи, сè што ми е останато од тој период се убавите спомени и она што ми го овозможи учеството на Венециското биенале, кое ми ги отвори патиштата за мојата натамошна кариера. Она што го научив е како да ги пренесам сопствените искуства на другите за да можат и тие да доживеат нешто слично.
За вашето творештво пишувале престижните „Гардијан“, „Обсевер“, „Волпејпер викенд“, а сте имале и интервју на Си-ен-ен... Дали чувствувате дека сте прифатени од уметничките кругови во Велика Британија?
- Да, јас живеам во Велика Британија веќе 29 години, моето творештво и кариера се развиваа тука, па веројатно е природно кога посветено работиш и изложуваш, тоа да има и одглас во медиумите. Сепак, често размислувам да отворам свое студио во родното Кавадарци, можеби еден ден. Многу ми недостигаат семејството и моите пријатели.
Успевате ли да живеете само од уметноста? Дали има купувачи за дела што се толку интригантни, предизвикувачки, шокантни...?
- Да, јас веќе долги години живеам од моите проекти, не толку од продажбите на дела, туку повеќе од јавните проекти и скулптурни просторни инсталации.
Моментално подготвувате изложба што е закажана за август оваа година. За што се работи и каде ќе се одржи?
- Станува збор за изложбата насловена „Десет години на телото“, која ќе се одржува од 16 август до 3 септември, а се состои од избор на мои дела, создадени во последните 10 години, кои го претставуваат мојот интерес за телото и деловите од телото - што е скриено и што може да се открие. Во текот на последната деценија се фокусирав на тоа да ја изложам внатрешноста на живите тела пред погледот на гледачот. Се работи за пренасочување на нашето внимание и доведување во прашање на хиерархијата на изгледот и убавината.
Во изборот на скулптури е вклучено делото „Сведок на мажественост“ (2011), едно од многуте уметнички дела во кои се користени суровини од ресторанот со Мишелин ѕвездички, „Пиед а Тере“ во Лондон, во овој случај беа користени тестиси од овни, потоа „Лејдис прсис“ (2011), женски чанти направени од јагнешки тестиси, дело што ги предизвикува идеите во модната индустрија. Поместени ќе бидат и делата од циклусот „Библии“ (2016), направени од маснотии, на темата „На почетокот… зборот стана тело“, како и делото „Харуспекс“ (2015) со кое го претставував Павилјонот на Ватикан на Биеналето во Венеција, а се состои од тантелната завеса што го опкружува просторот, тенка и деликатна филигранска изработка, која всушност претставува раширена мембрана од свинска утроба. „Харуспекс“, всушност, е латинско име на римски свештеник чија задача била да ја предвиди иднината од утробата на жртвуваните ѕверови.
Сите овие дела се изработени од животински материјали и се однесуваат на врската помеѓу смртноста, прехранбената индустрија, модата и естетиката на животот.