X
 29.05.2021 Наша тема

Започна „борбата“ за деветтоодделенци. Средните училишта ветуваат: квалитетна настава, гаранции за вработувања, дуални паралелки...

Гимназиите очекуваат да се исполни слободниот број на места уште во првиот уписен рок со оглед на фактот дека традиционално интересот за таму е голем, а некои училишта за средно стручно образование привлекуваат средношколци со ветување за вработување по заокружувањето на образовниот процес

Раководствата во училиштата за средно образование преку отворени денови почнаа да нудат информации за образовните профили што би ги избрале идните средношколци. Гимназиите очекуваат да се исполни слободниот број на места уште во првиот уписен рок (кој ќе се одржи од 14 до 17 јуни), со оглед на фактот дека традиционално интересот за таму е голем, а некои училишта за средно образование привлекуваат средношколци со ветување за вработување по заокружувањето на образовниот процес.

Димитар Ѓорѓиев, директорот на средното стручно училиште „Михајло Пупин“, вели дека организирале отворен ден за учениците кои се информирале подетално за струките што ги има во ова училиште.

- Имаше солидна заинтересираност. Ни дојдоа деца што сакаат да се запишат кај нас. Го промовиравме секој профил посебно на посебни штандови. На секој штанд имаше професори од тие профили, кои им даваа рекламен материјал на децата, а ги информираа и за наставните планови за тоа што ќе се учи. Најголем интерес има за насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Годинава имаме четири паралелки само за оваа струка. Од годинава стартуваме и со две нови дуални паралелки од електротехничката струка, со четиригодишно образование. ЕЛЕМ е носител на оваа паралелка. Учениците во четирите паралелки ќе бидат вработени по завршувањето на средното образование Оние што ги вработивме од минатата генерација добиваат почетна плата од 20.000 денари - информира Ѓорѓиев.

Александар Сибиновски, директорот на училиштето „Владо Тасевски“, информира дека согласно конкурсот, во ова училиште ќе има прием на 458 ученици во 14 паралелки во прва година. Во однос на струките, стандардно, запишуваат ученици во електротехничка, машинска и сообраќајна струка.

- Нашето училиште е едно од неколкуте стручни училишта во државата во кои се спроведува концептот за дуално образование – учениците запишани на образовниот профил техничар за производно машинство, практичната настава ја реализираат во компанијата „Гересхајмер“, а учениците што се определиле за образовниот профил техничар за железнички сообраќај, практичната настава ја реализираат во ЈП Македонски железници (Инфраструктура). Учениците од овие паралелки практичната настава ја изведуваат во реални работни услови, стекнувајќи искуства, знаења и соодветни вештини благодарение на кои веднаш по завршувањето на училиштето ќе можат да се вклучат во работниот процес во компаниите - вели Сибиновски.

Изминатиов период, додава тој, вложувано е во уредувањето и во техничкото опремување на училиштето и подготвени ќе ја дочекаат новата учебна година, како што сите посакуваат - со физичко присуство на учениците во училиштето.



Во медицинско - дуална паралелка со „Алкалоид“

Секоја година огромен е интересот за средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Вчера во училиштето се одржа отворен ден. Во претстојната учебна година ќе се запишат вкупно 646 ученици во здравствена струка на македонски и на албански наставен јазик во вкупно 19 паралелки, и тоа во насоките: медицинска сестра, забен техничар, фармацевтски техничар, медицински лабораториски санитарен техничар, физиотерапевтски техничар и новата насока - гинеколошко-акушерска сестра.

- Се очекува, како и секогаш, интересот да биде голем, а не се исклучува можноста за приемни испити по биологија и по хемија. За учениците од трета година се воведува нова дуална паралелка заедно со „Алкалоид“ каде што учениците ќе се образоваат по нови наставни програми адаптирани за стекнување знаења и вештини во фармацевтската индустрија и, секако, можност за вработување веднаш по завршувањето. Стручното образование сè повеќе станува препознаено и перспективно за учениците бидејќи им нуди модули кои се одработуваат во реален сектор и со тоа ги прави конкурентни и на пазарот на труд, а секако и во високообразовните институции - вели директорката Маја Салиу.



На гимназиите не им треба реклама


Учениците доволно се запознаени со она што го нуди нашата гимназија, вели Митко Димовски, директор на училиштето „Орце Николов“ во Скопје.
- Имаме одлична веб-страница на која сите заинтересирани ги наоѓаат сите информации, а активни сме и на социјалните мрежи. Секој ден комуницираме со родители и ученици во врска со уписите. За тоа дали ќе има квалификациско тестирање, зависи од тоа колку кандидати ќе се пријават. Ако дојдат голем број со ист број поени, секако ќе има тестирање. Ние примаме 285 ученици во прва година. Претпоставувам дека во еден ден ќе се тестира и по македонски јазик и по математика, по што ќе се направи селекција. Потоа, имаме и интерен тест по англиски јазик кој го организираме сами, а кој е наменет во случај ако има голем интерес за билингвалните паралелки. Таму има место за 90 нови ученици, па ако се пријават 120, ќе мора да има интерен тест. Оние што нема да го положат, ќе бидат распределени во „обичните“ паралелки - вели Димовски.

Фото: Средно медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема