X
 23.06.2019 Наша тема

Драми со уписите во средно, колку месеци пред истекувањето можете да патувате со пасошот... Што истражувавме неделава?

Неделава ја одбележаа уписите во средните училишта во Македонија. Додека во стручните училишта се радуваат и на десет ученици, во гимназиите уште во првиот ден се пополнија местата

Перипетии со уписите во скопската гимназија „Орце Николов“, каков беше интересот за стручните училишта, колку месеци пред истекувањето можете да патувате со пасошот во странство, животната приказна на Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам – Македонија... Ова се темите што тимот на Факултети.мк ги истражуваше неделава.
Неделава ја одбележаа уписите во средните училишта во Македонија. Додека во стручните училишта се радуваат и на десет ученици, во гимназиите уште во првиот ден се пополнија местата. Директорите на стручните училишта велат дека кампањите за заживување на средното стручно образование даваат резултати, но ни оддалеку не е доволно за да се пополнат капацитетите на некои средни училишта.



Вистинска драма се случуваше во гимназијата „Орце Николов“ откако за 285 слободни места се пријавија 311 ученици со просек 5.00. Бројката била и поголема, но кога виделе што се случува, повеќе ученици си ги повлекле документите и конкурирале во друга гимназија. Министерството за образование и наука го отфрли барањето на училиштето да се формира нова паралелка и одлучи сите кандидати да полагаат квалификациони тестови.

Одлуката важеше за три средни училишта во Македонија каде што имаше многу кандидати - во „Орце Николов“, во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје и во „Димитар Влахов“ во Струмица, на насоките за медицински сестри на македонски наставен јазик.

Но, родителите одржаа состанок со министерот за образование и наука Арбер Адеми, па тестирањата беа откажани.


Дијана Десподов

Ја објавивме инспиративната приказна на Дијана Десподов, која речиси една и пол година раководи со Американската стопанска комора во Македонија (AmCham – Macedonia) попозната како АмЧам. Таа вели: „Бродот е најбезбеден во пристаништето, но создаден е за бури, за отворено море“.

Проф. д-р Зоран Трпоски

Во интервјуто со проф. д-р Зоран Трпоски, декан на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, тој вели дека во академската 2019/2020 година ќе стартуваат изменетите студиски програми кои се препознатливи како Дизајн на мебел и ентериер и Инженерство на мебел и дрво. Факултетот ќе одбележи и 10-годишнина од основањето.


Од модната ревија на ТМФ

Роденденот на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје секоја година се прославува со завршна студентска ревија, конципирана според зададена тема и под менторство на професорката Лидија Георгиева. Но, оваа година е посебна поради големиот јубилеј - 60. роденден на ТМФ.



Колку месеци пред да истече пасошот може да се патува во странство? Доколку не проверите навреме уште колку ви важи патната исправа и колкав е рокот што го толерираат државите во кои сакате да одите, може да не ја напуштите земјата.



Каква била македонската куќа во 19 век и зошто и денес можете половина година да живеете на чардаците? За убавината на македонската традиционална преродбеничка куќа и местото каде што била градена, разговаравме со проф. д-р Елена Никољски-Паневски од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема