X
 29.05.2023 Култура

Железните чевли на брегот на Дунав - сеќавање на страшните приказни од историјата

На брегот на Дунав во Будимпешта, во близина на познатата зграда на унгарскиот парламент, има шеесет пара старомодни чевли какви што луѓето носеле во четириесеттите години на минатиот век. Мали и големи, машки и женски, овие чевли се расфрлани и напуштени на работ на реката, како нивните сопственици да ги оставиле таму. Но, ако погледнете внимателно, ќе видите дека чевлите се 'рѓосани, направени од железо и вградени во бетонот на насипот. Денес тие се споменик на унгарските Евреи кои зимата 1944-1945 година биле стрелани на брегот на Дунав.


Насловен како „Чевли на дунавското шеталиште“, овој споменик е уметничко дело замислено од филмскиот режисер Кан Тогај, а создадено од самиот Тогај во соработка со скулпторот Ѓул Пауер. Во 2005 година овој извонреден споменик бил подигнат покрај брегот на реката Дунав во главниот град на Унгарија. На три различни локации, натписите од леано железо изразуваат моќна порака на унгарски, англиски и на хебрејски: „A Holokauszt Łódőrainak emlékére, akiket a nyilasok Dunába lőtekk 1944-45“, што во превод значи „Во спомен на жртвите на холокаустот стрелани во Дунав во 1944-45 година“.


Во текот на есента и зимата тие години, откако Германците ја собориле владата на Миклош Хорти со доведување на власт на Ференц Шаласи, неговата фашистичка, насилно антисемитска партија „Партија со стрелачки крст“ го наметнала владеењето на терор во Будимпешта. Илјадници Евреи биле убиени низ градот, а пукањето на Евреите во Дунав било „погодно“ бидејќи реката ги однела телата. Честопати убијците ги терале преплашените луѓе да ги соблечат чевлите пред да ги застрелаат во Дунав. Впрочем, чевлите биле вредна стока за време на Втората светска војна.


Овој прекрасен споменик неизбежно остава длабока и неизбришлива трага во срцата на посетителите. Чевлите се толку реални и опипливи што лесно може да се замислат луѓето кои некогаш ги носеле. Секој чевел носи своја личност, секој има отпечаток и единственото нешто што недостига е неговиот сопственик. Тие денес ни помагаат да го оживееме ликот на сопствениците - оние чии лица се избришани.

При креирањето на овој исклучителен проект, авторите следеле една единствена цел - секој чевел морал да биде уметничко дело сам за себе. Скулпторот размислувал за личноста што ги носела тие чевли и си поставувал прашања: Дали тоа било богата жена или обичен градежен работник? Потоа, додека ја визуализирал личноста, размислувал за начинот на кој лицето ги носи чевлите. Секој поединечен чевел бил внимателно дизајниран, истакнувајќи ја уникатната личност на сопственикот. Токму затоа овој споменик буди силни и длабоки емоции кај посетителите.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура