„Маша и медвед“ е еден од најпознатите руски цртани филмови надвор од границите на Русија. Една епизода од овој цртан, на „Јутјуб“ има преку милијарда прегледи. Но, како бил создаден овој цртан филм и како добил толкава популарност?
Цртаната серија за пријателството и доживувањата на малечката Русинка и големата мечка за брзо време стана популарна во целиот свет. „Маша и медвед“ се прикажува во 22 земји во светот, а епизодата „Маша+каша“ е прегледана над милијарда пати на „Јутјуб“ така што стигна на листата на 17 најгледани видео-материјали на оваа страна.
Креаторите на оваа цртана серија имаат доста едноставно објаснување за нејзината популарност. Имено, скоро секое семејство, без разлика на националноста, има ваква безгрижна, палава и весела „Маша“.
Која е Маша?
„Идејата се појави такашто сакавме да ги прикажеме односите помеѓу возрасните и децата, но не во дидактичка, туку во комична форма, за на сите гледачи да им биде блиско она што го чувствуваат јунаците од серијата“; вели режисерот на овој проект, Денис Червјацов.
Според неговите зборови, нацртаната Маша имала свој прототип. Кога уметничкиот раководител на проектот, Олег Кузовкин, во текот на 1990-тите бил на море, на плажа видел мало девојче кое било толку непосредно и дружељубиво што можело без никаков проблем да му пријде на непознат човек и со него да игра партија шах или да му ги земе пераите и со нив да оди во вода. Навистина, после неколку дена сите започнале да се кријат од неа бидејќи била претерано активна и наметлива. Девојчето останало во сеќавањата на Олег, па тој после неколку години дошол до идејата да создаде цртан филм во продолженија.
Темите за серијата авторите ги земаат од личниот живот. „Дури и луѓето кои се занимаваат со анимација го копираат однесувањето на своите деца или децата на своите пријатели. Истото важи и за сценаристите“.
Меѓународен успех
„Ми се чини дека децата до нивната петта година се доста слични во секоја земја“, вели Денис. Покрај тоа, „Маша и медвед“ нема долги дијалози со што се' е јасно и без да се зборува.
Руското студио за анимација „Animacord“ кое било основано специјално за потребите на овој проект, ги освоило симпатиите кај гледачите но и стекнало углед и на професионално ниво. Анимираната серија во 2015 година ја доби наградата „Kidscreen“ што претставува своевиден канадски „Оскар“ за најдобар анимиран филм. Исто така, студиото се смета за едно од најдобрите за филмска продукција во текот на оваа година, заедно со компании како „Cartoon Network Studios“ и „Dreamworks Animation Television“.
Марија Терешченко, програмски директор, објаснува дека успехот на проектот и тоа што неговите создавачи успеале да ги изразат најновите тенденции во воспитувањето на децата. Претходно класичната забавна анимација била поврзана со насилство прикажано преку хумор. Но, во 21 век се смета за штетно врз психолошкиот развој на децата. „Маша и медвед“ успеа да ја пронајде границата каде во забавната анимација се'уште нема насилство. Покрај тоа, на децата сега им се дава поголема слобода. Тие помалку се ограничуваат во споредба со децата до минатиот век. Поради тоа малата Маша се појави токму кога современите деца можат да се препознаат себеси во неа.
Што понатаму?
Во овој момент, покрај главната серија започнати се две „спин-оф“ серии. Во 2012 година е започнат проектот „Бајките на Маша“, во кој Маша ги запознава гледачите со руските народни бајки, а во 2014 година се појавија „Страшните приказни на Маша“ во кои се раскажува за „страшните“ случаи кои всушност излегуваат смешни и поучни. Креаторите на серијата немаат намера да стават крај на проектот. Напротив, тие се надеваат дека и ќе го прошират. Студиото заедно со партнерите создава мрежа на интерактивни дидактички музеи и објавува водичи преку компјутерски игри.
Моментално во студиото работат околу 100 луѓе кои истовремено прават неколку епизоди. Секоја епизода се создава околу 3 месеци. Како што пресмета „Social Blade“, серијата месечно заработува околу 1.5 милиони долари од рекламите на „YouTube“. Исто така, се продава лиценца за користење на брендот за различни производи, канцелариски материјал, играчки и слично. Студиото направи договор со компании како „Burger King“ и „Simba Dickie“, а се смета дека приходот може да стигне до 300 милиони долари.
Продуцентот објаснува дека успехот е во тоа што „Маша“ се прави со љубов, и тоа што на проектот работи одлична екипа професионалци. „Ние се придржуваме до принципот наредната епизода да биде подобра од претходната“, вели Ловејко.