Студија објавена од истражувачите од англискиот универзитет во Бат фрли нова светлина на можното постоење на чудовиштето од Лох Нес.
Наодите дека праисторискиот плезиосаурус би можел да живее во слатководната вода ги натераа истражувачите да прогласат дека е голема веројатноста таканареченото чудовиште Неси да е веродостојно.
Постоењето на џиновско морско чудовиште кое живее во шкотскиот Лох Нес го фасцинира светот повеќе од еден век, но и покрај фотографиите и изјавите на очевидците низ годините, во голема мера сето тоа се сметало за мит.
Скептиците тврдат дека дури и да преживеел плезиосаурусот во модерната ера, тој не би можел да преживее во слатката вода на Лох Нес.
Универзитетот во Бат сега вели дека откривањето на фосилите на мали плезиосауруси во речниот систем стар 100 милиони години, кој сега се наоѓа во пустината во Сахара во Мароко, сугерира дека тие навистина живееле во слатки води.
Плезиосаурусите, првпат пронајдени во 1823 година од ловецот на фосили Мери Енинг, биле праисториски влекачи со мали глави, долги вратови и четири долги перки - главно слични на описите на чудовиштето од Лох Нес.
Фосилите пронајдени од тимот на универзитетот се коски и заби од возрасен плезиосаурус долг 3 метри и коска од рака од бебе долга 1,5 метар.
Истражувачите велат дека овие суштества живееле и се хранеле во слатките води, заедно со жаби, крокодили, желки, риби и водниот диносаурус спиносаурус.
- Ме зачудува што древната мароканска река содржела толку многу месојади кои живееле еден до друг - вели коавторот Дејв Мартил, професор по палебиологија на Универзитетот во Бат.
„Фотографијата на хирургот“ на Роберт Кенет Вилсон/Фото:
Wikipedia
Ознаките на забите на плезиосаурусот посочуваат дека тие биле родени во речниот систем.
- Ние, палеонтолозите, отсекогаш ги нарекувавме „морски влекачи“, но кој може да каже дека тие сигурно живееле во морето? - вели д-р Ник Лонгрич, коавтор на трудот.
Плезиосаурусот пливал со перките, слично на морски лав, и живеел од доцниот период тријас до доцниот период креда, пред околу 215 милиони до 66 милиони години.
Студентот по ветерина Артур Грант првпат го поврзал диносаурусот со чудовиштето од Лох Нес во 1934 година, откако тој тврдел дека за малку ќе го удрел суштеството со неговиот мотор. Тој го опишал како вкрстување помеѓу фока и плезиосаурус и нацртал скица што личи на древното морско суштество.
Неколку месеци подоцна била објавена фотографија направена од Роберт Кенет Вилсон на која исто така се гледа суштество со долг врат и мала глава како се движи низ водата.
Нашироко позната како „фотографијата на хирургот“, подоцна се покажало дека станува збор за измама.