Некои одлуки ги носиме речиси автоматски, но други имаат многу поголема тежина и можат сериозно да ни предизвикаат стрес.
Преселување, промена на работното место, раскинување на љубовната врска или почеток на нова, тоа се моменти што може да предизвикаат стрес и несигурност. Ново истражување открива кои животни избори луѓето ги сметаат за најризични и најинтензивни, а резултатите би можеле да ве изненадат.
Станува збор за сеопфатно истражување објавено минатиот месец во списанието „Сајколоџи сајнс“. Истражувачите побарале од над 4.000 учесници да наведат вистински, неодамнешни одлуки што им претставувале голем предизвик наместо да им нудат хипотетички сценарија. Анализата на одговорите покажала дека одредени одлуки значително почесто се повторуваат.
Најголем извор на стрес се работата и кариерата
Одлуките поврзани со работата и кариерата се најдоа на врвот. Без оглед на возраста и полот, прифаќањето нова работа се покажало како најризично, а веднаш зад него следувало давањето отказ.
Финансиските ризици се најдоа на третото место, пред сè, вложувањето во акции, криптовалути и тргувањето на берза. Одлуката дали да седнете зад волан се најде на високото четврто место. Оваа одлука е особено стресна при замор, лошо време, невнимание или возење под дејство на алкохол.
На петтото место се најде одлуката за започнување сопствен бизнис. Купувањето дом е шестата најстресна одлука со термини како „купување недвижности“, „инвестирање“ и слично. Здравјето и социјалниот живот се помалку стресни отколку што се мислеше. Последните четири места во топ-10 им припаѓаат на одлуки од областа на здравјето и социјалниот живот. На седмо место е одлуката за операција, а на деветто вакцинацијата. Осмото и десетото место ги зазедоа бракот и преселувањето во друга земја - две големи животни пресвртници што сепак не се сметаат за најризични.
Неочекувани наоди
Истражувачите биле најмногу изненадени што одлуките поврзани со здравјето или социјалните односи, како запознавање или самостојно патување, не биле на врвот.
- Очекувавме поинаков резултат, но нашите податоци го покажуваат токму спротивното. Пред сè, луѓето размислуваат за ризични избори во кариерата - објаснува авторот на истражувањето, Ренато Фреј, професор по психологија на Универзитетот во Цирих.
Авторите истакнуваат дека намерно го оставиле терминот „ризично“ широко дефиниран, па за некои се однесувал на финансиски последици, а за други на одлуки што го обликуваат животот долгорочно. Голема улога играла возраста: постарите испитаници сметале дека прифаќањето нова работа е поризично, додека помладите повеќе се плашеле од давање отказ.
Истражувачите се надеваат дека резултатите ќе помогнат за подобра поддршка на луѓето при носење важни животни одлуки.
10 најстресни животни одлуки, според истражувањето
Прифаќање нова работа
Давање отказ
Вложување пари (акции, криптовалути, берза)
Возење
Започнување сопствен бизнис
Купување недвижности
Операција
Брак
Вакцинирање
Преселување во друга земја
Извор:
Danas.rs
Фото: Freepik