Вкупно 5.000 слободни места има на 12 факултети и три академии на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Уписите на студенти во прва година почнаа од денеска, а ќе траат до трети септември.
Проректорот на УГД-Штип Кирил Барбареев на денешната прес-конференција истакна дека уписите се одвиваат во Штип, Струмица, Кавадарци, Прилеп и Скопје.
- На првиот ден од уписите има повеќе од 500 до 600 студенти. Тоа е според очекувањата на Универзитетот. Ако се прават некои ранг листи за интерес, на Факултетот за медицински науки има најголем интерес за студирање, но, и кај сите факултети постои интерес за студирање - рече Барбареев.
Тој истакна дека Штипскиот универзитет има обезбедено 150 стипендии за најдобро рангираните идни студенти, кои ќе се запишат на некои од факултетите или академиите.
- Во моментов имаме и најава дека ќе имаме и повеќе од 100 странски студенти на Универзитетот и тие се регулираат со посебниот начин на запишување, заедно со министерствата за надворешни работи и за образование и наука - рече Барбареев.
Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ очекува оваа година да има 2.000 студенти во прва година, а академската 2018-2019 година почнува на 1 октомври.