Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, по наредба на суд, на две телевизии мораше да признае дека лажел во текот на кампањата пред октомвриските локални избори дека прави повеќе патишта од претходната власт.
Тој во еден вид јавно политичко понижување мораше да каже дека лажел кога тврдел дека за време на владеењето на Граѓанската платформа (ПО) и Полската народна партија (ПСЛ) не се граделе патишта, додека неговата сегашна влада за тоа издвоила повеќе средства отколку претходниците за осум години, колку што биле на власт.
- Невистинити се информациите што ги кажав на 15 септември, за време на предизборниот собир на партијата Право и правда во Швјебоѓин, дека за една година до година и пол сме издвоиле поголема сума пари за локалните патишта отколку коалицијата на ПО и ПСЛ за осум години - стои во соопштението на премиерот, емитувано на една приватна и на една државна телевизија.
Опозициската Граѓанска платформа го тужеше премиерот.
- Лагите со кои се служат премиерот Моравјецки и сите политичари на Право и правда во кампањата ги преминаа границите на добар вкус. Ги деформираат сегашноста и историјата - истакна лидерот на опозициските либерали од ПО, Гжегож Схетина.
Апелациониот суд пресуди дека премиерот мора да ѝ признае на нацијата преку посредство на малите екрани дека лажел, но дека не мора да се извинува, ниту да плаќа отштета во добротворни цели, како што бараше
опозицијата.