X
 29.09.2019 Живот

Жената која ги искоренува детските бракови од Малави

На чело на округот Деѕа во африканската држава Малави дојде жена која поништи повеќе од 1.500 детски бракови и ги врати девојчињата на училиште.

Тереза Качиндамото никогаш не сакала да биде поглавар. Живеела во друг град и имала многу браќа и сестри. Но, покрај тоа, нејзината репутација дека е добра со луѓето ѝ го обезбедила неочекуваното именување. На крајот ѝ било соопштено дека ќе ја добие работата без разлика дали сака или не.

Така, оваа жена со добро срце станала постар поглавар и веднаш ја прекинала практиката на детски бракови во нејзината заедница. Тоа инаку била прифатена културолошка практика, а многу родители рано ги венчавале децата, главно поради финансиски причини.

Качиндамото била одлучна да ја прекине традицијата која ги претворала тинејџерките во сопруги и мајки пред да наполнат 18 години. Кога го посетила подрачјето Манки Беј, се сретнала со девојчињата кои на нивни 12 години веќе имале и сопрузи и деца.

- Сакале вие или не, сакам да им се стави крај на овие бракови - им рекла таа.

Качиндамото ја искористила позицијата за да поништи повеќе од 1.500 детски бракови од 2017 година, а девојчињата кои се омажени пред да го завршат школувањето ги пратила назад на училиште.

Таа направила храбар исчекор кон ставање крај на сиромаштијата во Малави, за која статистиката на ОН од 2017 година покажала дека околу 45 отсто од девојчињата не се во можност да продолжат со школување по осмо одделение.

Покрај тоа, таа сака да му стави крај и на процесот во кој малолетните девојчиња, кои во многу случаи имаат само 7 години, се водат во кампови за да се тренираат во сексуални вештини за да можат што подобро да ги задоволат потенцијалните сопрузи.



Качиндамото се заканила дека ќе го смени секој поглавар што ќе го дозволи тоа, менувајќи ги законите кои ги одредувале начините на кои луѓето може да се однесуваат.

Во една ситуација немала друг избор освен да отпушти четворица поглавари на подрачја во кои детските бракови сè уште се практикувале, како и да наведе 50 потпоглавари да потпишат договор за укинување на практиката на ран брак.

Поради сето ова, Качиндамото добивала и смртни закани.

- Не ми е грижа, не ми пречи тоа. Реков дека можеме да разговараме, но тие девојчиња се враќаат на училиште. Поглавар сум додека не умрам - рекла таа.

За детален приказ на борбата на Качиндамото против практиката на детски брак погледнете го овој краток документарен филм.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот