X
 29.10.2019 Наша тема

На студентите од Правен им се смачи да чекаат правобранител! Ќе го изберат и ќе го платат сами!

Тие објавија повик за неформален правобранител кој ќе се грижи за правата на студентите на овој факултет. Ќе го платат 9.000 денари, а средствата ги собрале од донации на бруцошка забава

Студентската организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ нема веќе да чека формален студентски правобранител. Таа објави повик за неформален правобранител кој ќе се грижи за правата на студентите на овој факултет.
- Во услови кога на студентите не им е исполнето законското право на студентски правобранител кој ќе постапува по поплаките во однос на непочитувањето на нивните права, решивме самите да го земеме она што ни следува и да ја креираме оваа позиција. Неформалниот студентски правобранител ќе постапува по пријава на студент или по сопствена иницијатива доколку увиди кршење на некое од правата утврдени во член 27 од Законот за високо образование или на други права на студентите. Студентскиот правобранител за својата работа ќе изготвува месечен извештај кој ќе биде јавно објавен и презентиран пред студентите – пишува на нивната страница на „Фејсбук“.



Инаку. формалното студентско организирање не функционира согласно новиот Закон за високо образование на ниту еден универзитет.
Студентски лидер на најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, иако со изминат мандат, сѐ уште е Давор Поповски. Тој беше избран во јуни 2016 година. Нови избори за студентски лидери и претставници на собранијата и на другите универзитети се чекаше да се распишат откако Собранието ќе ги изгласа статутите на универзитетите. Тие се изгласани, па сега нема пречки деканите на факултетите да не распишат избори за нови раководства.

Немањето легитимни претставници во студентските тела е проблем бидејќи тие учествуваат во работата на универзитетските сенати.
На УКИМ нема ниту студентски правобранител. Мобилниот телефон на последниот правобранител што е истакнат на страницата е даден на приватен корисник, а фиксниот телефон е исклучен.
Токму од овие причини студентите од Правниот факултет од Скопје се решија на овој чекор. Имаат пари за да го платат два месеца, а средствата ги собрале од донации од бруцошката забава #ПаркирајСеНаПравен.



- За извршување на позицијата студентски правобранител за ноември и декември имаме 9.000 денари. Ова е повеќе симболичен гест. Ние како организација работиме волонтерски - вели Борјан Ефтимов, член на студентската организација.
Тој ни објасни дека како организација постојано лобираат кај раководните лица побрзо да се организираат студентски избори бидејќи многу работи не функционираат.
- Ние увидовме дека студентите од нашиот факултет нема каде да поднесат поплака ако имаат некој проблем. Едноставно ни се смачи да чекаме, па ова го најдовме како решение додека не се избере студентски правобранител на УКИМ - вели Ефтимов.
Кандидатите што сакаат да се пријават за неформален студентски правобранител на Правен може да го направат тоа на е-адресата:
studentskaorganizacijapf@gmail.com.

- Треба да остават податоци за име и презиме, година на раѓање, студиска година, студиска насока и контакт-телефон. Процесот на избор ќе биде преку јавни интервјуа со сите кандидати, по што студентската организација ќе номинира еден од пријавените кандидати. Номинираниот кандидат ќе биде прифатен или одбиен преку гласање во големата заедничка група - вели Ефтимов.
Студентската организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ е неформално здружување на студенти чија цел е да ги застапуваат интересите на студентите. Велат дека се отворени за соработка со сите, а секој што сака да се приклучи може да ги контактира на нивната фејсбук-страница.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема