Три вида ваучери за помош на средношколци, студенти и млади до 29 години одобри Владата во рамки на економскиот сет мерки и активности за помош во време на пандемија од Ковид-19. Пакетот вреден 12 милиони евра ќе биде распределен на околу 100.000 корисници во текот на јуни, најдоцна до крајот на јули, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Сите ваучери ќе имаат различен фокус. Првиот, од 6.000 денари ќе биде наменет за средошколци и за студенти, како помош за плаќање партиципација, сместување и сл. Вториот тип од 3.000 денари ќе биде наменет за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се погодени од кризата. Третиот тип се од 30.000 денари, а ќе бидат наменети за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.