Шефот на НАСА, Бил Нелсон, во неодамнешно интервју со универзитетски професор зборуваше не само за идејата за вонземен живот, туку и за вистински мултиверзум.
- Моето лично мислење е дека универзумот е толку голем, а сега постојат и теории дека има и други универзуми. Ако е така, кој сум јас да кажам дека планетата Земја е единствената локација со форма на живот кој е цивилизиран и организиран како нас? - им рече Нелсон на студентите.
Во разговор со професорот по политика на Универзитетот во Вирџинија, шефот на НАСА додаде дека верува дека во вселената има и други планети како Земјата.
- Се разбира дека мислам така бидејќи вселената е толку голема - вели Нелсон.
Нелсон е застапник на вселенските програми уште од почетокот на неговата политичка кариера во 70-тите години. Тој веќе бил во вселената како дел од програмата „Спејс шатл“ на НАСА, односно летал низ вселената со „Спејс шатл Колумбија“, поминал шест дена со уште шест други астронаути во јануари 1986 година.
Во истиот разговор Нелсон се осврна и на темата за сведоштвата на припадниците на американската војска за НЛО. Тој вели дека е застрашувачка помислата дека потенцијалниот непријател има пристап до технологија што САД ја нема.
- Тие не знаат што е тоа и ние не знаеме што е тоа. Се надеваме дека не станува збор за непријател овде на Земјата кој има таков вид технологија. Но, нешто има - вели Нелсон.
- Затоа, нашата мисија е постојано да бараме што има таму во вселената. Кои сме ние? Како дојдовме овде? Како станавме она што сме? Како се развивме? Како се цивилизиравме? Постојат ли исти услови таму некаде во универзумот кој има милијарда други сонца во милијарда други галаксии? За мене, универзумот е незамисливо голем - истакнува Нелсон.
Фото: Screenshot/YouTube