X
 29.10.2022 Наука

Царските пингвини се ставени на листата со загрозени видови

Климатските промени ги сместија царските пингвини (најголемиот вид пингвини на Земјата) на листата со загрозени видови.

Тоа значи дека на овие антарктички птици им се заканува истребување во догледна иднина.

Истражувањето објавено минатата година посочи дека климатските промени се непосредна закана за опстанокот на царските пингвини. Истражувањето открива дека 70 отсто од колониите на овие пингвини на Антарктикот би можеле да изумрат до 2050 година доколку мразот продолжи да се топи со сегашната брзина.

Во најлошо сценарио, 90 отсто од колониите би можеле да исчезнат до 2100 година, што значи дека видот никогаш нема да закрепне. Овие наоди ја поттикнаа Американската служба за риби и диви животни (USFVS) да предложи заштита на царските пингвини според Законот за загрозени видови (ESA).

- Оваа листа ја одразува растечката криза на истребување и ја нагласува важноста на напорите за зачувување на загрозените видови пред нивното намалување на популацијата да стане неповратно - изјави Марта Вилијамс, директорка на USFVS.

- Климатските промени сериозно ги погодуваат видовите низ светот и решавањето на овој проблем е наш приоритет. Ставањето на царскиот пингвин на „жешката“ листа служи како аларм, но и повик за акција - додава таа.

pingvin
Фото: Wikipedia

Во моментов постојат околу 60 колонии на активни царски пингвини кои живеат по должината на брегот на Антарктикот, вклучувајќи околу 270.000 до 280.000 парови за размножување, според USFVS. Овие популации моментално се стабилни, но поради топењето на морскиот мраз, се очекува „значително“ да се намали нивниот број.

Доколку емисиите на јаглероден диоксид драматично се намалат, глобалната популација на царските пингвини би се намалила за околу 26 отсто до 2050 година. Но, доколку емисиите продолжат да бидат високи, популацијата на пингвините би се намалила за повеќе од 50 отсто во истата временска рамка. За жал, овие загуби нема да бидат рамномерно распределени.

- Колониите на царските пингвини во Индискиот Океан и во делови на Белингсхаузеновото Море, како и Амундсеновото Море се предвидува да се намалат за повеќе од 90 отсто поради топењето на мразот - наведува USFVS.

Нивното означување како загрозени промовира меѓународна соработка за стратегии за зачувување, го зголемува финансирањето на програмите за зачувување, го поттикнува истражувањето и обезбедува конкретни алатки за намалување на заканите за видот.

Покрај тоа, агенциите што спроведуваат програми за зачувување на овој вид пингвини ќе мора да обезбедат дека нивните проекти не ги загрозуваат царските пингвини и нивното живеалиште.

Исто така, агенциите ќе имаат задача да спречат индустрискиот риболов да ги исцрпи резервите на риби со кои се хранат пингвините.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука