X
 10.12.2018 Наука

Матичните клетки и роботите ќе ги заменат инвазивните операции, велат експертите

За 20 години вообичаените хируршки процедури ќе бидат надвор од употреба.

А оние што ќе останат, најверојатно ќе станат помалку инвазивни, покажува извештајот за иднината на операцијата на Кралскиот колеџ на хирурзи во Англија. Во извештајот се нагласува начинот на кој неколку нови технологии, како што се хируршките роботи, вештачката интелигенција и новите вакцини, ќе ја обликуваат иднината на медицината во текот на наредните две децении. Ако предвидувањата на хирурзите се реализираат, прогнозата е добра.

Кога ќе размислите за тоа, некои операции изгледаат речиси варварски во споредба со други, неодамна модернизирани форми на медицина. На пример, медицинската невронаука стана прецизна и помалку инвазивна, како што повеќе учиме за мозокот.

роботи

Затоа, лекарите што придонесоа за овој нов извештај се возбудени поради тоа што илјадници хируршки процедури ќе бидат надвор од употреба. Како, на пример, вакцината за папилома вирусот ќе помогне во намалувањето на преваленцијата на одредени видови рак - во моментов третирани со хируршки операции. А за ракот што се развива, подобрените лекови и медицинските роботи можат да ја заобиколат потребата за инвазивна процедура.

И матичните клетки ќе имаат голема улога во иднината на медицината. Во извештајот се предвидува дека третманите со матични клетки и регенеративна медицина би можеле да ги третираат состојбите поврзани со срцето и да ја спречат потребата за некои операции на отворено срце. Исто така, тие може да се користат за третирање на невродегенеративни болести како Алцхајмерова болест.

Но, операцијата нема да исчезне целосно. Кралскиот колеџ на хирурзи предвидува дека во иднина хируршките процедури ќе бидат фокусирани повеќе на превентивна грижа или подобрување на квалитетот на животот на постарите лица.

Дури и тогаш, извештајот сугерира дека новите медицински откритија ќе значат дека сите овие процедури ќе бидат помалку интензивни со помалку време за закрепнување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука