Економијата на Исланд ги надминува повеќето европски земји откако земјата спроведе пократка работна недела без да ги намали платите, покажува најновото истражување.
Помеѓу 2020 и 2022 година 51 отсто од работниците во земјата ја прифатиле понудата за пократка работна недела, односно 4-дневна работна недела.
Минатата година Исланд забележа побрз економски раст од повеќето европски земји, а стапката на невработеност е една од најниските во Европа, забележа Институтот за автономија во Обединетото Кралство и Исландската асоцијација за одржливост и демократија.
- Ова истражување покажува вистинска успешна приказна: пократкото работно време стана широко распространето во Исланд, а економијата е силна според голем број индикатори - вели Гудмундур Д. Харалдсон, истражувач во „Алда“.
Во два големи експерименти помеѓу 2015 и 2019 година вработените во јавниот сектор на Исланд работеле 35-36 часа неделно, без намалување на платата. Многу учесници претходно работеле 40 часа неделно.
Експериментот опфатил 2.500 луѓе - повеќе од 1 отсто од работоспособното население во Исланд во тој период. Тие биле насочени кон одржување или зголемување на продуктивноста и подобрување на рамнотежата помеѓу работата и животот. Истражувачите откриле дека продуктивноста останала иста или била подобрена на повеќето работни места, додека благосостојбата на работниците драматично се зголемила.
По експериментите, исландските синдикати преговарале за намалување на работното време за 10.000 нивни членови низ цела земја.
Економска виталност
Во 2023 година економијата на Исланд се прошири за 5 отсто, што е втора стапка на раст по онаа на Малта меѓу богатите европски економии, според најновите светски економски изгледи на Меѓународниот монетарен фонд. Тоа е многу повисока од просечната стапка на раст на земјата од речиси 2 отсто во периодот помеѓу 2006 и 2015 година.
Сепак, ММФ предвидува значително побавен раст на Исланд оваа и следната година.
Голем број земји низ светот се одлучија да го воведат експериментот со четиридневна работна недела, меѓу кои и САД и Ирска.
Извор:
CNN
Фото: Freepik