X
 30.07.2022 Живот

Зошто во Русија првиот ден во седмицата бил недела, а не понеделник?

Во САД, Канада, Бразил, Јапонија, Израел и уште неколку земји првиот ден во седмицата бил недела, а не понеделник. Така било и во стара Русија и во Руското Царство, а идејата се заснова на Библијата.

Стариот завет содржи опис на создавањето на светот во кој се наведени последователните денови на создавањето, од првиот до шестиот. Токму со овие имиња (ден прв, ден втор итн.) до ден-денес се нарекуваат деновите во седмицата на хебрејски.

На хебрејски сабота наместо да се нарекува „седми ден“, се нарекува Шабат (што е дериват од зборот „да се одмори“) и со него се завршува седмицата. Така, во јудејската, како и во христијанската традиција, неделата традиционално започнувала во недела, а така било и во Русија до револуцијата во 1917 година. Доказ за тоа се имињата на работните денови на руски јазик. Среда на руски се нарекува „среда“, што значи „средина“. Очигледно, среда се наоѓа на средина само ако седмицата почнува во недела.

Понатаму, во словенските јазици понеделник се нарекува токму така затоа што доаѓа по недела, додека недела е ден во кој ништо не се прави, туку се оди в црква. Недела е првиот ден во седмицата.

Болшевиците се бореле против православната вера и црквата и еден од нивните први декрети, потпишан во февруари 1918 година, го заменил јулијанскиот календар со грегоријанскиот и го принудил СССР да остане во чекор со речиси сите културни народи. И покрај тоа, неделата и понатаму била првиот ден во седмицата во раните години на СССР.

Како Сталин ги „касапел“ неделите во Русија

На 1 октомври 1929 година во Русија биле реформирани неделите - биле воведени нови, петдневни недели. Тие биле наречени „недели на континуирано производство“ - луѓето работеле четири дена, а петтиот одмарале. И така продолжило во текот на целогодишниот циклус, кој се состоел од 72 петдневни недели. За да не се преколопуваат слободните денови за вработените, работниците биле поделени во пет групи кои во календарот биле означени со жолта, розова, зелена, црвена и виолетова боја.

Со овој систем мелниците, погоните и другите бизниси можеле да работат без престан во текот на целата година, бидејќи немало заеднички слободни денови за сите работници одеднаш. Петдневниот календар бил идеолошка алатка: го нарушил календарот на христијанските празници, што било корисно за болшевичката антирелигиозна пропаганда. Но, новиот календар воопшто не бил популарен меѓу луѓето. Се случувало мажот и жената да им припаѓаат на различни работни групи, па да немаат заеднички денови, што им го комплицирало животот. Во 1931 година била воведена шестдневна недела со фиксни слободни денови за сите.

Дури во 1940 година СССР се вратил на седумдневната недела.

- Работата во сите државни и јавни претпријатија и установи да се префрли од шестдневна на седумдневна, сметајќи го седмиот ден во неделата за ден на одмор - се вели во уредбата, па почнувајќи од 1940 година во СССР понеделник станал првиот ден во неделата.

Со текот на времето, некои социјалистички ориентирани земји го прогласиле понеделникот за прв ден во неделата. Во 1978 година Обединетите нации препорачале понеделник да биде првиот ден од седмицата во повеќето земји во светот. И ова било официјално воспоставено во 1988 година, според ISO 8601, меѓународниот стандард за размена и комуникација на податоци поврзани со датумот и времето.

Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот