Сфатив дека јас самиот морам да ги одделам двете работи - шоу бизнис-забавата и театарот. Таа иста публика што гледала и очекува Бубамара-стендап, да дојде во театар и во првите минути, гледајќи ме на сцената, да заборави на сето тоа и јас да ја убедам дека, сепак, мојот најбитен свет се театарот и театарските ликови. Така што, досега тоа го правам успешно... секако, многу е тешко, но тоа уште повеќе ме исполнува, вели Коцев
Актерот Сашко Коцев стана дел од тимот на „Светот на Биби“. Боби од утревечер во 19 часот на
јутјуб-каналот Биби/Bibi ќе ѝ се придружи на Биби во новогодишната сказна „Биби и Дедо Мраз од планетата Заз“. Коцев е еден од водечките актери во Македонскиот народен театар. Филмови, серии, стендап-настапи... тоа се само дел од неговите ангажмани.
Уште една богата година со настапи и улоги изминува за него, а тој веќе знае и ги подготвува улогите за проектите за новата година.
Коцев го позајмува гласот за Боби, најдобриот другар на Биби
Вие сте актер кој се „испробал“ во речиси секој жанр и медиум. Се радувате ли на можноста да создавате и нешто за детската публика?
- Поканата за Боби, верувајте, стигна точно во моментот кога јас како родител се најдов во размислување кое видео од македонската продукција да му го пуштам на моето дете, со кој лик ќе се поистовети и со кој лик ќе расте мојата ќерка. Опкружен со многу странски детски ликови и теми, оваа понуда ја прифатив без многу размислување. Тоа беше размислувањето како родител, а потоа дојде и моментот на професионален план, па затоа и оваа соработка ми беше уште поголем предизвик. Со детската публика имам поретка можност да се сретнам и сум имал малку вакви улоги што ѝ се обраќаат на најискрената публика. Верувам дека со мојата посветеност ќе направиме успешна приказна од овие два лика, тие ќе бидат препознатливи и обожавани и децата ќе научат многу поучни работи.
Сашко Коцев (фото: Радован Вујовиќ)
Годината што изминува Ви беше успешна. „Не се клади на Енглези“ не стивнува со гледаност, имавте нови улоги во матичниот театар („Еден месец на село“, „Дух“)... Среќен ли сте за предизвиците што Ви се случија?
- Секоја година си носи свои нови предизвици, а старите треба да се одржат на истото воспоставено високо ниво. Се радувам на секој успех, но и длабоко се критикувам за секој неуспех. Таа мала претстава „Не се клади на Енглези“, еден навистина неамбициозен проект со комерцијален призвук, навистина прерасна во хит-претстава на што дури и не се надевавме. Еве, ја играме стотата изведба и најсреќни сме за една работа, а тоа е дека не ѝ се продадовме „евтино“ на публиката, не бевме занимливи по секоја цена и претставата добива на тежина и квалитет со секоја наредна изведба.
Ја користам пригодава и вам да ви се заблагодарам за досегашната помош, поддршка и соработка.
Иако во Вашиот репертоар имате претстави од различни жанрови, пошироката публика најчесто Ве препознава по комичните улоги, а особено по шоуто „Буба мара“. Ви пречи ли понекогаш токму тоа, да Ве доживуваат како актер за комедии?
- Секако дека сум најпрепознатлив по „Златна бубамара“ - најгледаното нешто во годината. И секако дека дел од публиката ме гледа во тоа светло. Ова понекогаш ме тиштело или разочарувало или вознемирувало во смисла на театарски драмски актер. Да, можеби публиката ме гледа само во тоа светло, но јас сфатив дека најбитно е во какво светло се гледам јас самиот. Сфатив дека јас самиот морам да ги одделам двете работи - шоу бизнис-забавата и театарот. Па така, ова за мене стана уште поголем предизвик... Таа истата публика што гледала и очекува Бубамара-стендап, да дојде во театар и во првите минути, гледајќи ме на сцената, да заборави на сето тоа и јас да ја убедам дека, сепак, мојот најбитен свет се театарот и театарските ликови. Така што, досега тоа го правам успешно... секако, многу е тешко, но тоа уште повеќе ме исполнува.
Сашко Коцев (фото: Радован Вујовиќ)
Годинава Ви падна честа да ја напишете пораката за Светскиот ден на театарот. Прашувавте: „Што, во суштина, модерниот театар треба да третира? Што сѐ треба да се исправи? Отуѓеноста? Бесчувствителноста? Полуписменоста? Политичката состојба?“ Каков театар Вие посакувате? Ни фали ли малку храброст да отвораме теми?
- Особена чест ми беше поканата на Светскиот театарски институт на Македонија да ја напишам пораката. Ме поканија во вистински момент, кога навистина имав доста наталожени мисли кои сакав да ги споделам со театарскиот свет и со театарската публика. А каков театар ни треба? Хм, ни за тоа нема рецепт. Театарот, како и секоја уметност, е променлив и се движел во различни правци отсликувајќи го животот. Некогаш е питка материја, некогаш неразбрана, некогаш длабока, некогаш болна, некогаш огледало... Најважно е да имаме театар кој има публика.
„Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица“, напишавте во пораката. Како Вие се справувате со актерската комфор-зона?
- Да, тоа се едни од првите лекции од мојот професор Владимир Милчин. Нема рецепт како да се справуваш со ова, тоа постојано се менува и доаѓа во различни форми. Само бара постојано да си буден и свесен за опкружувањето, постојано да бидеш информиран, ништо да не прифаќаш како апсолутна вистина и во ништо да не се убедуваш така лесно. И повторно, ова не е доволно да не се чувствуваш удобно.
Фото: Кире Галевски и Драган Гајиќ
Што да очекува публиката во 2019 година? Дали се во најава нови претстави, филмски улоги?
- За неколку дена МНТ, мојата матична куќа, и режисерката Нела Витошевиќ почнуваат со подготовки на претставата „Макбет“ од Шекспир, а јас ја добив улогата токму на Макбет. Огромен предизвик за мене, а секако и посакуван предизвик на секој актер. Претстои тежок период да се стигне до премиерата на оваа претстава. Исто така, договорени се две серии и еден игран филм во македонска продукција, за кои сѐ уште не смеам да откривам детали. Тоа значи дека претстојната пролет е целосно исполнета, а со тоа и јас сум исполнет. Сите овие улоги ме носат во непознатото, а тоа е мојот главен двигател и предизвик низ годиниве.