Д-р Гордана Георгиева, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, ја доби наградата за најдобра млада научничка во медицински науки која претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја доделува на млади до 35 години.
Тоа што целиот труд и секојдневната работа се забележани, на д-р Георгиева многу ѝ значи.
- Оваа награда е потврда за досегашните вложувања, но повеќе е мотивација да продолжам понатаму и со работа и со едукација. Особено ми е драго што е поттик за помладите колеги и знак дека може да се работи успешно и во нашата земја - истакна д-р Георгиева.
Георгиева е меѓу седумтемина млади што постигнаа извонредни резултати во 2021 во своето работно поле, а нејзината награда се должи на нејзината досегашна работа со објавување научни трудови во медицински списанија дома и во странство, со што ги споделува искуствата со колегите надвор од нашите граници.
- Особено е релевантно и презентирањето на научни трудови на светски познати конгреси од областа на пластичната хирургија. Годинава со трудови, заедно со колегите од нашата клиника, се претставив на годишните конференции на американските здруженија за хирургија на дланка, периферни нерви и реконструктивна микрохирургија (AAHS, ASPN, ASRM) во Сан Диего, а потоа и на Светското здружение за реконструктивна микрохирургија (WSRM) во Мексико, како и на Федерацијата на европски здруженија за хирургија на дланка (FESSH) во Лондон. Освен тоа, се вклучивме и работиме интернационални проекти, меѓу кои би ја издвоила GLobalSurg - COVIDsurg како најголемата студија досега направена што вклучува 122 земји, со веќе објавени трудови во најголемите медицински списанија како Lancet и British Journal of Surgery. Не можам да ја изоставам и книгата што ја напишавме и објавивме за нашите студенти по медицина „Основни хируршки принципи и постапки“ со доц. д-р Софија Пејкова и проф. д-р Игор Кафтанџиев. Освен специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, јас сум и асистент по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет, како и докторанд во областа на клиничката медицина - ги објасни своите активности д-р Георгиева.
Медицински факултет завршила во Скопје и во текот на шестгодишното студирање стекнала огромно животното искуство, а студентските денови ги памети како најубави.
- Во текот на шестгодишното студирање растеш, созреваш и се градиш како личност. Влегуваш на факултет во тинејџерските години, а излегуваш како возрасна личност подготвена да се грижи за други луѓе. Првите години се обидуваш да се докажеш и пред професорите и пред себе, а понатаму продолжуваш да се вљубуваш во професијата што си ја одбрал. Надвор од редовниот курикулум учествував во работата на Европската медицинска студентска асоцијација на Македонија: ЕМСА – Македонија, која дополнително ми го исполнуваше времето. Студентските денови, и тешките со деноноќно учење и оние лесните со дружење со колегите, ги паметам како најубавите - се присети на студентските денови најдобриот млад научник од медицината.
А додека траеле студиите, Гордана секоја можност ја користела да остане колку што може подолго на хируршките клиники и во ургентниот центар. Денес сѐ уште е таму и не може да се замисли да работи ништо друго освен хирургија.
- Како мала кога ме прашаа што ќе бидам кога ќе пораснам, јас реков доктор и никогаш не се премислив. Не можам да се замислам да работам ништо друго освен хирургија. Ме интересираа и дигестивната хирургија и васкуларната хирургија, но сепак се одлучив за пластична и реконструктивна хирургија. Како пластични и реконструктивни хирурзи во нашата мала земја работиме во секое поле од пластичната хирургија. Лично мене најмногу ме интересира реконструктивната хирургија и хирургијата на периферни нерви, но најчесто на нашите дежурства се среќаваме со повреди на дланка, кои ми се исто така голем предизвик – вели д-р Георгиева.
Специјализацијата по пластична и реконструктивна хирургија траела шест години и за тој период д-р Гордана и колегите секојдневно се подготвувале за моментот кога скалпелот ќе биде во нивна рака.
- Се јавува една мешавина од емоции кога си желен да му помогнеш на пациентот и сакаш да се оствариш во професијата, но најголемо е чувството на одговорност кон пациентот. А задоволен пациент по успешно завршен оперативен третман е најголема награда.
Кога ќе се спомене пластична хирургија, најчесто се мисли на естетска корекција и тоа создава стереотип дека оваа гранка е можеби најпотценета во хирургијата во однос на спасувањето животи. Но, пластичната и реконструктивна хирургија е многу широка гранка која третира пациенти со тешки и комплексни повреди, а естетската хирургија е само мал дел од неа. Ние третираме пациенти со бенигни и малигни тумори на кожа и меки ткива, кожни карциноми, меѓу кои и малигниот меланом, мекоткивни инфекции, дијабетично стапало, реконструкција на дојка по мастектомија, хирургија на периферни нерви, изгореници, реконструкција на кожни и мекоткивни дефекти на сите делови од телото... Голем дел од нашата работа опфаќа хирургијата на дланка, односно дипитренова контрактура, карпал тунел синдром, а најголемиот дел од нашата итна патологија се повредите на дланка. Таквите повреди можат да бидат доста комплексни и најчесто истовремено вклучуваат скршеници на коски, повреда на тетиви, артерии и нерви и бараат оперативен третман и долго закрепнување – истакна д-р Георгиева.
Таа работи на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија каде што годишно се оперираат околу 5.000 пациенти, а амбулантски се вршат 12.000 прегледи за пациенти од целата држава.
- Нескромно ќе кажам дека со нашата работа ги следиме европските стандарди и целиме кон постојано надградување. Како резултат на интернационалната соработка со колеги и професори од странство, како нашиот визитинг-професор Оскар Азман од Универзитетот на Виена и д-р Елеонора Димовска од Упсала, Шведска, имаме можност за едукација во тие центри, но и нивна поддршка за развој на нови процедури и третман на пациенти на нашата клиника - смета младата докторка.
Малкумина знаат дека понекогаш хирурзите од оваа клиника и новогодишната ноќ ја минуваат во операционата сала. Д-р Георгиева вели дека тогаш е зголемена употребата на пиротехнички средства кои можат да предизвикаат сериозни повреди. А со оглед на тоа дека оваа новогодишна ноќ д-р Гордана ќе ја помине на работното место, таа се надева дека славениците ќе бидат внимателни.
- Новогодишните празници се интересен период од годината, а за нас како пластични хирурзи се карактеризираат со неколку типови повреди: повреди во домашни услови, најчесто при подготовка на храна, односно исеченици од нож и различни блендери, исеченици од скршени чаши од многу славење и изгореници од употреба на пиротехнички средства. Токму затоа нашата клиника секоја година ја спроведува кампањата „Петардите ги уништуваат празниците“ со која сакаме да ја подигнеме свеста, особено кај младата популација, за опасноста од користењето петарди и доживотните последици што можат да настанат. Бројката на таквите повреди е намалена и сметаме дека кампањата дава резултати, па оваа година ќе ги посетиме средните училишта и ќе се обидеме да допреме до средношколците со нашите апели. А со оглед на тоа дека оваа новогодишна ноќ ќе ја поминам на работно место, се надевам дека славениците ќе бидат внимателни и дека ќе имаме мирна ноќ - порача таа.
Но, повредите не се случуваат само за време на празниците. Во текот на цела година лекарите имаат безброј случки, пациенти и операции, а д-р Георгиева сподели една помалку бизарна повреда која имала среќен крај.
- Ако морам да издвојам една случка, ќе кажам – реплантација на подлактница и дланка кај пациент. Односно, се работи за пациент кој сам се повредил со моторна пила од град во внатрешноста и беше донесен на нашата клиника со комплетна ампутација на десна подлактница. Веднаш започна трката со времето бидејќи спојувањето на подлактницата е можно само одреден број часови, а веќе имаше поминато време од повредата. Се организира тим под водство на доц. д-р Пејкова, од анестезиолог, трауматолог, васкуларен хирург и пластичен хирург, по што следуваше реплантација на екстремитетот. Имаме успешна приказна со спасена рака и задоволен пациент – откри д-р Георгиева.
Таа смета дека младите лекари можат да имаат иднина тука, но само ако се слуша нивниот глас и се бележи нивниот труд.
- Голем број од моите колеги одлучија да заминат во други земји, додека јас го одбрав мојот пат овде. Не е лесно да се истрае во борбата, но јас сум задоволна таму каде што сум сега. Свесна сум за сите предизвици со кои се соочуваат младите лекари, но иднина можеме да имаме и тука. Се надевам дека ќе се слуша гласот на младите и ќе се бележи нивниот труд, затоа што само така ќе останат дома – рече Гордана.
Реткото време што го има за релаксирање по напорните смени и дежурства д-р Георгиева го користи за музика, „Нетфликс“ и дружба со најблиските.
- Тешко прашање за млад хирург. Најмногу сакам да поминувам време во дружење со најблиските, така си ги полнам батериите. Зависна сум од музика (дури и во операциона сала не може без музика) и „Нетфликс“. Кога можам, обожавам да патувам без разлика дали ќе се изгубам по улиците на големите градови или ќе одмарам на песочна плажа без никаква грижа – додаде најуспешната млада научничка во медицината, д-р Гордана Георгиева.
Фото: приватна архива