Бројот на Холанѓани што користат „Фејсбук“ на почетокот од месецов бил помал за 640.000 во споредба со бројот од пред една година.
Но, другите социјални медиуми како „Вацап“, „Инстаграм“ и „Линкдин“ станале попопуларни, исто како и „Јутјуб“, покажува најновиот извештај од националното истражување на социјални медиуми. Во истражувањето учествувале околу 7.000 луѓе постари од 15 години.
„Вацап“ има најмногу корисници во Холандија - околу 11,9 милиони луѓе сега го користат овој сервис, што е за три отсто повеќе од минатата година. Но, најголемото зголемување на процентите е за „Инстаграм“. Оваа мрежа бележи 20-отстотно зголемување на корисниците во Холандија, чиј број сега изнесува 4,9 милиони.
Од оние 640.000 Холанѓани што го напуштиле „Фејсбук“, 200.000 се откажале од профилите, додека останатите само престанале да објавуваат нови работи.
Најчестите причини што Холанѓаните ги наведувале за откажувањето од „Фејсбук“ се недостиг од доверба во платформата, лажни вести, но и поради новата политика на
приватност на социјалната мрежа.