X
 19.02.2023 Живот

Прекрасен град чии жители имале избор - да не плаќаат даноци или да основаат универзитет

Доколку се подготвувате за патување во Холандија, задолжително посетете го Лајден. Малку занемарен од туристите, овој прекрасен универзитетски град е на само половина час возење од Амстердам и е толку убав и има толку многу да понуди, што веројатно сериозно ќе се заљубите во него.

Универзитет, лалиња и Рембрант

Лајден е најпознат по еден од најдобро зачуваните историски центри во цела Холандија. Во мало гратче со 120.000 жители, дури 20.000 студенти студираат на најстариот универзитет во Холандија. Легендата вели дека како награда за одбраната на градот од шпанските напади на крајот на 16 век, на жителите на Лајден им бил понуден избор: да не плаќаат даноци или да основаат универзитет. Тие избрале универзитет, а неколку века подоцна таму предавал и Ајнштајн.

1
Фото: Freepik

Во Лајден е роден Рембрант, но и познатата ѕвезда од логото на „Хајнекен“. Имено, на натпис на бар во центарот на Лајден, стар еден век, била пронајдена древна црвена ѕвезда чии точки традиционално ги симболизираат елементите вода, квасец, хмељ, јачмен - уметноста на варење пиво. „Хортус Ботаникус“, основан во 1590 година, било местото каде што биле засадени првите лалиња во Холандија.

Поради близината до Амстердам и Хаг, Лајден има многу добри локални и меѓународни транспортни врски. Ако слетате на аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, со воз ќе стигнете до Лајден за само 20 минути, а од Хаг можете да стигнете за 10 до 15 минути. Доколку имате автомобил, најпаметно е да го оставите на некој од паркинзите надвор од градот и да ја продолжите турата со јавен превоз или изнајмен велосипед. Имено, во самиот град тешко дека ќе најдете паркинг, а доколку го најдете, се наплаќа 5 евра од час.

lajden
Фото: Freepik

Поезија на фасадите


Ниту еден друг град во Холандија нема толку многу фантастични музеи на неколку минути пешачење еден од друг - тринаесет. Ако сакате шопинг, нема да бидете разочарани ниту ако сте заинтересирани за високата мода ниту ако негувате еклектичен стил. И ако сте дојдени да јадете, можеби треба да останете многу подолго од еден ден затоа што Лајден има сè - евтина студентска храна, интернационална кујна и скапи ресторани со француска кујна. За баровите има да се кажува многу, бидејќи пивото е национален пијалак овде, па затоа не заборавајте да испланирате посета на барем една мала пиварница.

Но, вистинскиот шарм на Лајден најдобро се доживува ако се изгубите во неговите живописни улички со калдрма, кои кријат необични изненадувања. Поезијата на фасадите и скриените романтични градини меѓу куќите се само дел од нив. И кога ќе се изморите од пешачење, време е да запловите. Каналите што се пробиваат низ градот ќе ви дадат сосема поинаква перспектива, затоа обидете се да впиете колку што можете повеќе од убавината, атмосферата, историјата и животот што тече низ улиците на Лајден.

lajden

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот