Брегзит ќе се случи утре на полноќ, по 1.317 дена откако Британците одлучија да ја напуштат Европската Унија, па се поставува прашањето што ќе се промени по 1 февруари?
Секојдневната трговска размена меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија ќе продолжи како и порано сè до крајот на 2020 година. Во текот на тој преоден период од 11 месеци, Лондон и Брисел би требало да се договорат какви ќе бидат нивните идни односи. Ако не се договорат, трговијата со Британија ќе се одвива по правилата на Светската трговска организација додека не се постигне договор за слободна трговија.
Лондон до 1 јули може да побара продолжување на преодниот период за една или две години, но британскиот премиер Борис Џонсон рече дека не го сака тоа.
Европската Унија утре на полноќ првпат ќе остане без една членка, и тоа една од најголемите и најбогатите. По заминувањето на нејзините 66 милиони жители, Унијата ќе има околу 446 милиони жители, а територијата ќе ѝ се намали за 5,5 отсто. Ако Обединетото Кралство посака да се врати, ќе мора да помине низ вообичаената процедура на пристапување.
Отстранувањето на британското знаме од пред зградата на Европскиот парламент во Брисел ќе симболизира вистинска промена: Обединетото Кралство веќе нема да биде членка на ЕУ, туку „трета земја“.
Во Европскиот парламент веќе нема да има ниеден од сегашните 73 британски еврозастапници - 46 од тие застапнички места ќе бидат резервирани за идните земји-членки, а 27 ќе бидат прераспределени. Така, Хрватска, на пример, ќе има еден претставник повеќе, значи вкупно 12.
Британија веќе нема да има право на свој повереник во Европската комисија. Во новата Европска комисија веќе и го нема затоа што Џонсон не сакаше да именува никого.
Британскиот премиер веќе нема да биде повикуван на европските самити, а британските претставници нема да учествуваат на министерските состаноци.
Како државјани на странска земја, Британците веќе нема да можат да се кандидираат за работни места за европски службеници во Брисел. Меѓутоа, многумина зедоа двојно државјанство за да можат да останат во Унијата.
Обединетото Кралство нема да има право на глас во ЕУ, но до истекот на преодниот период ќе мора да го уплаќа својот дел во европскиот буџет. Британија е вториот нето-уплаќач во ЕУ-буџетот по Германија.
Фото: Pixabay
Според податоците на ОН, речиси 1,2 милион британски државјани живеат во некоја друга членка на ЕУ, најмногу во Шпанија, Ирска, Франција, Германија и Италија.
Според британската канцеларија за статистика, 2,9 милиона жители на 27 членки на ЕУ живеат во Британија, што е околу 4,6 отсто од населението.
Согласно Договорот за повлекување, и едните и другите ќе ги задржат нивните права на престој и работа во земјата во која престојуваат.
Државјаните на 27. членки на ЕУ што престојуваат во Британија ќе мора да се регистрираат за да ги остварат тие права. За Британците што живеат во ЕУ процедурите се различни во зависност од
земјата.
Слободата на движење ќе важи до 31 декември 2020 година. Деталите за реципрочните права ќе бидат договорени по Брегзит.
Обединетото Кралство преговараше неколку години за условите за развод од ЕУ со експертите од ЕК, на чело со Мишел Барни, но по утрешниот ден преговорите ќе влезат во нова фаза.
Со земјите-членки Барни договара преговарачки мандат за договор за идните односи, во прв ред за трговијата. Спротивно од Договорот за повлекување, кој мора да го ратификуваат земјите-членки и ЕП, договорот за трговијата ќе мора да го одобрат повеќе од 30 национални и регионални парламенти.