Стартува со работа лабораторијата за производство „ФЕИТ ФабЛаб“ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Новиот простор што треба да им овозможи на студентите работа на реални проекти, ползувајќи ги можностите на дигитализацијата во производните процеси, е отворен и за приватниот сектор, како и за млади креативци и иноватори кои тука ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи.
На официјалното отворање на „ФЕИТ ФабЛаб“, која е реализирана со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), присуствуваа и директорот на ФИТР, Фестим Халили, и проректорот за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова. Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, објасни дека „ФЕИТ ФабЛаб“ ќе ги обедини на едно место сите досегашни работилници и школи на ФЕИТ, како и работилниците за вградливи микрокомпјутерски системи, Робомак, Технологија за тебе и програмата INNO-SAE во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации - ИНОФЕИТ.
- Лабораторијата за производство „ФЕИТ ФабЛаб“ е уште еден чекор кон трансформација на ФЕИТ во истражувачка и претприемнички ориентирана високообразовна институција подготвена за предизвиците на новото време. ФЕИТ посветува посебно внимание на развојот и квалитетот на своите студенти, а со „ФЕИТ ФабЛаб“ се отвора и за поголем круг на млади луѓе кои можат своите идеи за иновации да ги реализираат кај нас. Благодарение на ФИТР, „ФЕИТ ФабЛаб“ поседува најсовремена опрема за експериментирање и прототипизирање на иновативни идеи, а ФЕИТ инвестира во адаптација на современ простор согласно бараните меѓународни стандарди за ФабЛаб - рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски.
Тој дополни дека очекува нововоспоставената „ФЕИТ ФабЛаб“ да придонесе за подигнување на нивото на активностите на факултетот, отворање на нивните простории за млади и заинтересирани луѓе да работат на иновативни идеи, како и поддршка на целокупниот процес за економски развој во државата.
Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, идејата е преку кофинансирање на проектите за отворање на ФабЛаб лаборатории за производство да се обезбеди за младите и средношколците пристап до современи технологии.
- Фондот за иновации и технолошки развој првпат реализира еден поинаков предизвик, насловен како „Предизвик за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS - Младите создаваат“, со што почнавме да вложуваме во развојот на националната иновациска инфраструктура. Со овој тип вложувања, ФИТР значително придонесува кон воспоставување на четворниот хеликс-систем кој подразбира блиска соработка помеѓу академската заедница, индустријата, граѓанскиот сектор и јавниот сектор. Навистина сум горд што со отворањето на „ФЕИТ Фаб Лаб“ им даваме шанса на сите млади ентузијасти да ги унапредат своите вештини и потенцијал, директно да учествуваат во научноистражувачката дејност и да влијаат врз развојот на нивната кариера и нашето општество - изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Проректорката за финансии, инвестиции и развој при УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, потенцира дека вмрежувањето во системот на истражувачките лаборатории е начинот за една ФабЛаб да ја реализира својата мисија и да обезбеди пристап до интернационалното опкружување со иноватори. Овие лаборатории се простор каде што соработуваат млади иноватори и креативци со приватниот сектор, високообразовните и научни установи, претпријатија и граѓански здруженија.
- Мултидисциплинарниот тим на ФЕИТ што работи на овој проект ќе придонесе за студентите, инженерите, младите иноватори и креативци на еден поинаков начин да ги развијат своите идеи, затоа што идејата за ФабЛАб е да овозможи отворен пристап до иновации и технологија, дигитализирани производни процеси за сите оние со креативни идеи. Во светот функционираат над 1800 ФабЛаб лаборатории. Верувам дека наскоро и нашиот „ФЕИТ ФабЛаб“ ќе се вмрежи во системот на истражувачки лаборатории во опкружувањето - потенцира проректорката за финансии, инвестиции и развој при УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.
„ФЕИТ ФабЛаб“ нуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д-печатење и работа со 3Д-печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Приходите кои лабораторијата, која ќе биде достапна и за приватниот сектор како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе се користат за понатамошниот развој и обезбедување одржливост на лабораторијата.
(Комерцијална објава)