X
 09.12.2022 Образование

Проф. д-р Игор Неделковски: „Далекосежни и негативни ќе бидат последиците за македонското општество без масовно вработување научен подмладок“

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со повеќе манифестации достоинствено го одбележа својот патрон. На свечена седница на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа, посебно место им е посветено на студентите и доделувањето награди за најдобрите дипломирани студенти. Станува збор за традиционална манифестација за вреднување на вложениот труд на студентите, особено на оние што покажуваат високи резултати. Од име на најдобрите студенти говореше Сибела Мамудоска, која меѓу другото рече:

- Од мое и од име на најдобро дипломираните, би сакала да изразам огромна благодарност до Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола што го вреднува и почитува трудот на најдобрите. Ветуваме дека денешното јавно вреднување на нашите постигнувања ќе биде мотивација плус и поттик да продолжиме со уште поголеми напори и успеси бидејќи достигнувањата никогаш не можат да бидат толку големи за да не можат да се надминат со уште поголеми достигнувања.

1

Во поздравната реч ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, ги посочи најгорливите проблеми поврзани со кадровскиот дефицит и потребата за масовно вработување научен подмладок за да се спаси моменталната ситуација која може да предизвика далекосежни негативни последици врз македонското општество. Ректорот Неделковски го истакна и оптимизмот што произлегува од суштината на УКЛО како динамична средина и најави повеќе развојни проекти во наредниот период, потенцирајќи дека студентот ќе биде во центарот на сите активностите. Меѓу нив е отворањето на УКЛО кон заедницата.

3

- Поради недостиг на асистентски кадар, ќе овозможиме стручњаци од практиката, од стопанството и нестопанството да се вклучат во практичната настава на факултетите. Ќе овозможиме дуално образование, практичната настава да се изведува во објектите на стопанството и нестопанството. Ги повикувам сите чинители од стопанството и нестопанството да се вклучат во образовните процеси на универзитетот и на тој начин да си обезбедат квалитетен кадар за своите организации. А студентите да добијат квалитетна практична настава. Максимално ќе се отвориме и кон невладиниот сектор за заедничко аплицирање на проекти. УКЛО има голем научен и стручен потенцијал, а невладиниот сектор - агилност и вештини во обезбедување донации. Со здружени сили се надеваме дека ќе го зголемиме бројот на меѓународни донаторски проекти. Подаваме рака и кон политичките структури, да им го понудиме нашето знаење на објективен начин, необременети од политичките случувања. Јавните универзитети во Република Северна Македонија се апсолутно деполитизирани институции, особено со одредбите од Законот за високото образование од 2018 година, и како такви можат и треба да бидат свест и совест на општеството. Но залудна е академската слобода и политичката независност ако наскоро не биде придружена со финансиска независност која моментално е апсолутна нула. Самостојно не можеме да одлучуваме ниту за средствата од меѓународните проекти.

5

Обраќање пред присутните имаше и новоизбраниот студентски лидер на УКЛО, Душан Стевановски, кој нагласи дека заедно со сите членови на УСС и факултетските студентски собранија, ќе продолжат и ќе придонесуваат за подобрување на студентскиот стандард и будно ќе ги следат интересите на студентите.

Инаку, одбележувањето на патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола, во пријатна атмосфера, со присуство на студенти, членовите од Универзитетскиот сенат предводен од претседателот, проф. д-р Николче Јанкуловски, деканите и директорите на единиците на УКЛО, академски кадри и претставници од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а посебен белег на настанот му даде уметничката програма.

uklo

Во рамките на одбележувањето на 8 Декември, УКЛО одржа уште една пригодна свеченост. На 6.12.2022 г. беа промовирани 13 доктори на науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и тоа: 2 доктори по образовни науки, 1 доктор на науки од областа на надареност и талентираност, 2 доктори на науки од областа на туризмот, 2 доктори на науки од областа на индустрискиот менаџмент, 1 доктор на правни науки, модул Меѓународно право и политика, 1 доктор на правни науки-модул Меѓународно право и политика, 1 доктор на науки од областа на информатика и компјутерска техника, 3 доктори на биотехнички науки.

uklo

Покрај раководството на УКЛО, на чинот на промоција присуствуваа и декани од единиците на УКЛО на кои се одбранети докторските трудови и најблиски членови од семејствата на новите доктори на науки. Настанот се одржа во Салата за состаноци на Ректоратот во комплексот Касарни – Битола.

Со најновата промоција, на УКЛО до денес докторирале 425 доктори на науки.

Претходно, во чест на патронот на УКЛО, беа положeни букети цвеќиња пред споменикот на Св. Климент, во дворот на Ректоратот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование