X
 20.09.2024 Образование

УКЛО промовира мобилен колаборативен простор CoSpace - за соработка, поврзување и размена на идеи со заедницата

За време на 9. Ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, чиј домаќин од 11 до 12 септември 2024 година беше Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ - Битола, член на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, промовиран е мобилниот колаборативен простор (CoSpace) како место за размена на идеи, соработка и поврзување меѓу академијата и соработниците од бизнисот, граѓанскиот, владиниот и образовниот сектор. Поставен на најфреквентниот дел на Широк сокак во Битола, Коспејсот им го привлече вниманието на граѓаните од сите  генерации кои се интересираат за работата на УКЛО, образовната понуда на неговите единици, бенефитите за студентите, па исполнуваа пристапници со контакт-детали за идна комуникација и на непосреден начин се запознаваа со можностите за заемна соработка и додека сите партнери во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС промовираа свои колаборативни простори, Коспејсот на УКЛО беше почестен со присуството на претседателот на Алијансата КОЛОРС, г. Торстен Мајер, професор на Универзитетот во Падерборн, Германија – координатор на алијансата, како и ректорите и проректорите на универзитетите – партнери од Полска и од Хрватска. 

Токму во тие моменти и во таа точка на универзумот на КОЛОРС, студентите разговараа на англиски и на германски јазик директно со претседателот и ректорите од Алијансата, од Ректорскиот форум; партнерите на УКЛО од регионот се запознаа со значајните претставници и разменија ставови и мислења за вклученоста во активностите на УКЛО КОЛОРС; се снимаа промотивни материјали за Коспејсот и на задоволство на сите, свечено се вклучи генераторот на едно новоконципирано жариште на колаборација за коеволуција, исто како она дефинирано во првото поглавје на книгата Facilitation in complexity од кадри на УКЛО.

1

За значењето на Коспејсот за Универзитетот и воопшто за заедницата како нов момент на УКЛО и дел од проектот КОЛОРС, проф. д-р Мимоза Богдановска-Јовановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, раководител на Колаборативниот простор на УКЛО КОЛОРС, посочува: Самиот збор колаборативен простор или простор за соработка кажува многу. Тоа е простор во кој Универзитетот ги отвора своите врати за заедницата. Да бидам конкретна, Универзитетот и претходно имаше отворени врати за заедницата, меѓутоа, сега, поттикнати од универзитетската алијанса КОЛОРС во која членуваат девет универзитети на ниво на Европа, на УКЛО се отвора канцеларија која буквално ќе биде отворена за секој што има нешто да праша, има идеја која сака да ја сподели, да ја реализира, а Универзитетот би можел да помогне во реализацијата. Тоа значи дека на јавноста ѝ стануваме достапни, да може секој, доколку е заинтересиран, да оствари соработка со нас. Често луѓето се плашат или чувствуваат бариера, бидејќи универзитетот е сепак една институција која е на многу високо ниво во хиерархијата на една држава, па се чини некако недостижна. Токму затоа, се обидовме да бидеме непосредни со сите, да можат сите, независно дали се претставници на бизнис-секторот, дали се физички лица, претставници на институциите од јавниот сектор или, пак, од некоја невладина организација, да пристапат, да поразговараме, да го споделат со нас она што го имаат, да прашаат и заедно да трасираме еден пат кој ќе донесе благосостојба за заедницата. И на наше задоволство, веќе добивме идеи кои можат да дадат придонес и за Универзитетот и за заедницата.

Воедно, целта што УКЛО сака да ја постигне со активирањето на мобилниот колаборативен простор е тој да може да патува, да биде мобилен и поблиску до граѓаните на Прилеп, Велес, Скопје, Кичево, Охрид, секаде каде што УКЛО има свои единици. И сето она интересно, креативно, одржливо што тие би ни го предложиле, да може некако да се имплементира, да се започне поинтензивната врска меѓу универзитетот и заедницата. Знаете, кога се креира еден проект, мора да се има една идеја. Идејата на КОЛОРС, кој е во суштина Алијанса на универзитети кои функционираат во помали градови, кои се поставени како регионални, како што е и УКЛО, беше дека треба да има една точка во градот, простор во кој ќе може секој да пристапи. Меѓутоа, како созреваше идејата, како почна да се имплементира проектот, сфативме дека таквиот базичен простор ќе биде достапен само за граѓаните на Битола, каде што е седиштето на УКЛО, а ќе биде лимитирачко за другите единици на Универзитетот чии седишта се во други градови во Македонија.

3

Во разговор со првиот човек на Универзитетот, со нашиот ректор проф. д-р Игор Неделковски, со академскиот раководител на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска и со другите личности што се вклучени во проектот, размислувавме што е она што можеме да го направиме за да бидеме достапни за сите. Така исплива на површина идејата Коспејсот да го поделиме во два дела. Првиот дел го нарековме front office, односно предна канцеларија, која ќе биде мобилна. Тоа значи дека ќе циркулира низ градовите во кои УКЛО има свои единици. Вториот дел е оној што го нарековме back office или постојан отворен простор, кој ќе биде сместен во Студентскиот информативен центар на УКЛО во кој ќе можеме да ги реализираме активностите за кои претходно зборував. Значи, направивме еден нов момент во проектот, наша иницијатива за која добивме многу пофалби од другите членки во Алијансата. Тие ја прифатија идејата, така што и кај некои од нив Коспејсот ќе биде организиран по нашиот пример.

Во овој колаборативен простор на УКЛО КОЛОРС, но и во сите други активности што се реализираат во рамките на проектот, значајно место заземаат студентите. Уште на почетокот на 2024 година, кога УКЛО стана дел од Алијансата, поканети се сите заинтересирани студенти да станат активни чинители, да ги искористат сите бенефити што КОЛОРС им ги нуди. Универзитетот постои за студентите, а Коспејсот е формиран за да помогне и да го прошири она што студентот може да го добие во рамките на универзитетското образование. Факултетот на студентите им го дава потребното знаење за профилот што го одбрале. Меѓутоа, една комплетна личност, академски образована, подразбира и многу други компетенции кои студентите треба да ги добијат во текот на студирањето. Токму Коспејсот ќе им даде можност за стекнување на тие компетенции и знаења. Меѓутоа, ништо од сето тоа нема да биде возможно доколку тие не се активни членови на оваа заедница.

Што мислат студентите?

Ева Нешковска, сега веќе дипломиран студент на Педагошкиот факултет во Битола, беше ангажирана за време на одржувањето на 9. Ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, чиј домаќин беше УКЛО. Таа го споделува своето искуство по одржувањето на настанот: - Искуството е непроценливо. Нема ништо подобро од тоа кога ќе се обедини младешката енергија со огромното искуство на возрасните, во случајот со учесниците на Ректорскиот форум и Форумот на Алијансата КОЛОРС. Кога тие компоненти ќе се спојат, резултатот е огромен. Јас, но и другите студенти што беа присутни на Форумот, а во уште поголем број при промоцијата на мобилниот колаборативен простор т.н. Коспејс, имавме можност да се сретнеме со многу луѓе, да воспоставиме нови контакти кои понатаму можат нам, на младите, да ни помогнат во полето на науката, за заедно да го издигнеме нашиот Универзитет уште повеќе.

Борис Гушевски, претседател на Универзитетското студентско собрание УКЛО, истакна дека е пријатно изненаден од бројноста на посетителите, на граѓаните, а најмногу од бројноста на студентите кои се ангажираа околу неговата промоција. „Коспејсот е само една од придобивките што ја добиваме благодарение на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Сакам да ги охрабрам сите студенти на УКЛО, сегашните и идните, да се вклучат во активностите на КОЛОРС, бидејќи овој проект им нуди многу бенефити за кои допрва ќе зборуваме. Ги поттикнувам младите да се запишат на УКЛО, да станат Колорс студенти. Дипломата што ќе ја добијат тука ќе им вреди многу повеќе од дипломата на  кој било друг универзитет во нашата држава. Како што кажувам во моите досегашни изјави при настаните – сега е најубавиот момент да се биде или да се стане студент на УКЛО“.

uklo

Професорката д-р Рената Петревска Нечкоска, академска раководителка на КОЛОРС, посочува дека со голема радост се доживува секое доближување, секоја нова траекторија на соработка која е функционална, не е спорадична, не е индивидуална или со директни конекции, туку баш омасовена, дека идејата Коспејсот да дејствува подвижно и низ постојан отворен простор да станува уште подостапен, поблиску до сите внатрешни и екстерни во заедницата. Всушност, колаборативниот простор на УКЛО КОЛОРС е мобилната единица на Коспејсот (за промоција и привлекување соработки и интерес), постојниот простор на Коспејсот (за реализација на средбите и активностите), како и виртуелниот простор (е-пораките и известувањата, веб-страницата на УКЛО https://uklo.edu.mk/ посветениот дел на УКЛО КОЛОРС, Moodle платформата, а во иднината и Bloom hub, со микрокурсеви од целата алијанса, CoHub, за виртуелна колаборација со сите чинители на конкретните т.н. CoLab колабораториуми за кокреација, LinkedIn профилот на УКЛО и на Алијансата, и сите други начини на кои комуницираме отворено и конструктивно). Од Коспејсот ќе ‘лансираме’ темелни колабораториуми, како оној за инклузивно општество со партнерите од Шведска и Франција,  како оној за водород со партнерите од цела Европа, како оној за напредни агротехнологии со партнерите од Хрватска и Полска, па хакатони, пракси, студентски претприемачки центар и што уште не!
Интересни кованици како називи што означуваат фузија на вековното и новото – каде што академијата го повлекува својот целокупен внатрешен и надворешен екосистем и регион во прогресивни трендови, кои ем лечат ем создаваат. И сета работа досега е само гребнување на површината, а ние ентузијастички работиме за да се постигнат вистински ефекти, а тоа се може само колаборативно со сите стејкхолдери.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование